Глобалниот извршен директор на DDB Worldwide, Алекс Лубар, си заминува од функцијата во момент кога агенцијата се соочува со сè поголема неизвесност околу својата иднина во рамки на Omnicom. По повеќе од три години на чело на агенциската мрежа, Лубар заминува за да стане извршен директор на Fundamentalco, независна консултантска компанија за брендирање во Њујорк, основана од поранешниот стратег на Droga5, Џони Бауер.
Заминувањето на Лубар се случува во чувствителен период за DDB, кога матичната групација Omnicom го забрзува долго очекуваното спојување со Interpublic Group, што треба да биде финализирано до крајот на ноември 2025 година. Во индустријата кружат бројни шпекулации дека агенциите под брендот DDB може да бидат апсорбирани од други агенциски мрежи на Omnicom, како BBDO или TBWA.
Од Omnicom засега соопштија дека спроведуваат „строг и внимателен процес“ со цел да ја утврдат најсоодветната структура за идното работење на групацијата, без да понудат конкретни планови за иднината на брендот DDB.
Дополнителна неизвесност внесува и фактот што Omnicom не открива дали воопшто ќе биде именуван наследник на Лубар. Недостигот од информации ги зголемува сомнежите околу долгорочната судбина на глобалното раководство на DDB, па дури и околу опстанокот на самиот бренд, кој со децении претставува едно од најпрепознатливите имиња во огласувачката индустрија.
Лубар си заминува по период на возобновена креативна слава за DDB. Откако се приклучи на агенцијата кон крајот на 2022 година како претседател и оперативен директор, а помалку од една година подоцна беше унапреден во глобален извршен директор, тој успеа да ја врати DDB на врвот на светските креативни рангирања, вклучително и со повторното освојување на титулата „Агенциска мрежа на годината“ на фестивалот Cannes Lions во 2025 година – втора награда во само три години.

















