Фемицидот е темната страна на нашиот регион. Фемицидот повеќе не е насловна страница што ја гледаме повремено, туку застрашувачко секојдневие. Статистичките податоци се поразителни, а ужасната реалност толку често се повторува што дури и може да стане невидлива. Она што најмногу боли е фактот што животот на овие жени им е одземен од рацете на некого што го сакале.
Кога системот потфрла, дали ние, како општество, имаме обврска да реагираме? Одговорот е „ДА“, но како? Со тоа што повеќе нема да ја вртиме главата и нема да ги затвораме очите, туку ќе научиме да ги препознаеме предупредувачките знаци во нашата околина.
Во регионалната кампања „Додека смртта не нè раздели“, насочена кон спречување на фемицидот, силите ги здружија следниве организации: Автономниот женски центар од Србија, Автономната женска куќа од Хрватска, фондацијата „Обединети жени“ од Босна и Херцеговина, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство од Северна Македонија, Друштвото за спречување насилство во спортот и семејното насилство од Словенија, Центарот за женски права од Црна Гора, Алијансата за заштита од семејно насилство од Бугарија и Центарот за родова еднаквост и развој од Албанија.
Целта на кампањата е информирање и едуцирање на јавноста за тоа како да се препознаат обрасците на однесување што најчесто водат кон фемицид и на кој начин да им се помогне лицата што се во потенцијална опасност. Кампањата претставува апел до заедницата да ги препознае знаците и да преземе превентивни мерки за да се спречат идни случаи на фемицид.
Кампањата е дело на „Меккен“ Белград, а се спроведува во соработка со креативните и медиумските тимови од регионот, кои се дел од Групацијата АМА: „Меккен“ Загреб, „Меккен“ Љубљана, „Меккен“ Сараево, „Меккен“ Скопје, „Меккен“ Подгорица и „Меккен“ Тирана, како и „УМ“ Белград, „УМ“ Загреб, „УМ“ Сараево, „УМ“ Подгорица, „УМ“ Скопје, „УМ“ Софија и „УМ“ Тирана. Како партнери на кампањата се вклучија и агенциите „Ту Риверс“ и „НН Медија Продакшн“.
Црната венчаница тагува и предупредува
„Нашиот предизвик беше фемицидот да не остане само една поразителна статистика, туку пораката да продре до сечие срце, да ја разбуди емпатијата, да го сруши ѕидот на рамнодушноста и да повика на дејствување. Белата венчаница, универзалниот симбол на љубовта, ја претворивме во црна. Оваа инверзија не е само визуелна, туку и концептуална: она што некогаш означувало среќен почеток, сега предупредува за еден крај што не смее никогаш да се случи. Симболот е намерно суров, драматичен и непријатен за гледање. Црната венчаница на улиците повеќе изгледа како сцена што воопшто и не би требало да постои, исто како што не би требало да постои ни фемицидот. Овој судир на очекуваното и забранетото веднаш отвора прашања, провоцира реакции, а тоа е првиот чекор кон промената“, вели Јана Савиќ Растовац, креативна директорка на „Меккен“ Белград.
Повеќеслојна кампања што прераснува од тивка провокација во моќно движење
Во соработка со модните дизајнери од регионот, Марија Тарлаќ, Миомир Јелчиќ, Матеа Бенедети, Борис Ќалиќ, Едис Пало, Аднан Хајрулаховиќ, Моника Коцарева и Илиријана Баша, беа креирани осум уникатни црни венчаници.
Моделите што носеа црна венчаница се појавија на главните улици во осум главни градови. Нивната улога беше да стојат немо и неподвижно, држејќи букет во рацете. Секој цвет претставуваше име, приказна за еден изгубен живот. Мистериозните жени во црни венчаници испровоцираа сериозна полемика. Што е ова? Кои се тие? Зошто се таму? Тишината и натаму беше заглушувачка.
По неколку дена, кампањата беше претставена пред јавноста на настани што се одржаа во Белград, Загреб, Подгорица, Сараево, Скопје, Љубљана, Софија и во Тирана, а вистината беше откриена. Црната венчаница не е нов моден тренд, туку глас против тишината што убива.
„Кога креираме и спроведуваме општествено одговорни кампањи, не пренесуваме само идеи, туку и вредности. На осумте пазари ги делиме истите проблеми, но, исто така, и истата решеност да ги промениме. Ова е првата заедничка регионална кампања за борба против фемицидот, која покажа дека границите исчезнуваат кога се обединуваме околу она што е значајно. „Ваквите кампањи се гласот на оние што повеќе немаат глас и повик да не ги затвораме очите, туку да преземеме нешто“, додава Маја Антиќ, извршна директорка на Групацијата АМА.
Социјалните медиуми се обединуваат и повикуваат на дејствување
Црната венчаница, која тивко стои на улиците, гласно проговори на социјалните медиуми. Објавите открија сурови бројки што нè тераат да се соочиме и да размислиме, ги разоткриваат обрасците на контрола маскирани во љубов и нудат јасни чекори, не само за жените што се соочуваат со насилство, туку и за нивните роднини, пријатели, соседи и за сведоците. Секоја порака има иста цел: да охрабри, да информира, да поврзе, да покаже дека во тишината нема безбедност, како и дека преземањето дејство е единствениот пат кон промена.
Да го препознаеме знакот, да ја прекинеме тишината
Кампањата „Додека смртта не нè раздели“ нè потсетува дека фемицидот не е ненадејна трагедија, туку дека е последниот чин на насилство што можело да се препознае и да се спречи. Пораката е јасна: реагирај, поддржи, не затворај ја вратата. Затоа што домот, кој би требало да биде најбезбедното место, и натаму е најопасното место за жените.


















