Во текот на овој месец би требало да го дознаеме името на агенцијата која ќе го спроведува електронското мерење за гледаноста на ТВ програмите на македонските телевизиски станици.
Откако при крајот на минатата година АААВМУ го раскина договорот со дотогашната агенија која го вршеше мерењето, на почетокот од годинава беше формиран македонскиот комитет за мерење на публиката чии основачи се МРТВ, ТВ Алфа, ТВ Алсат-М, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Сител, Македонската асоцијација на агенции за маркетинг и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (без право на глас) а потоа неколку месеци подоцна беше направен и панелот.
Изминатиов месец се пристапи кон избор на агенција за спроведување на електронското мерење и според информациите кои ги добивме од АААВМУ се очекува одлуката за изборот да биде донесена во следните неколку дена.
Право на учество на огласот за истражувачка агенција имаа истражувачки агенции кои имаат искуство во мерење на гледаноста најмалку 5 години , во не помалку од 3 земји од земјите членки на Европската унија или Организацијата за економска соработка и развој.
Изминативе денови се одржуваат и презентациите на трите компании кои конкурираат да го добијат ексклузивитетот за електронско мерење на рејтинзите и сега останува уште да се споредат понудите и да се избере најсоодветната од нив.