Македонската телевизиска сцена одамна се соочува со предизвици кои не произлегуваат само од конкуренцијата на интернетот и стриминг-платформите, туку и од недоволно следење на вкусовите и очекувањата на современата публика.
Публиката станува повнимателна во изборот на содржини и очекува автентичност, квалитет и модерни формати, а кај нас за жал националниот сервис не спроведува ниту основни мерења за преференците (не е дел ниту од мерењето на Nielsen), а уште помалку во детали да истражува кој е правецот во кој публиката се менува. Во таков контекст, потребата од силен, добро организиран и јасно позициониран национален сервис станува поважна од кога било – сервис кој голем дел од својот буџет ќе го инвестира во оригинална продукција, со што ќе го предводи развојот на целата медиумска сфера во земјата.
Еден од најрелевантните експерти што ја следи оваа трансформација во регионот и светот е магистар Сотир Сотировски – медиумски и маркетинг професионалец со богато искуство и дел од образованието стекнато во САД, средина која постојано ги создава највлијателните медиумски трендови. Според него, телевизијата не ја губи својата улога – таа ја менува својата форма. „Телевизијата нема да исчезне. Ќе исчезнат само старите навики. Вистинската иновација никогаш не била само во технологијата, туку во содржината,“ вели Сотировски.

Тој смета дека македонските национални телевизии мора да се променат во чекор со времето: да создадат пократки формати, флексибилно емитување, современи документарни приказни и оригинални програми што комуницираат на јазик близок до младата публика. Исто така, неопходно е градење платформи што ги комбинираат класичните ТВ формати со дигитални серии, подкасти, документарни минијатури, мобилни видеа и богати VOD каталози. „Јавноста ја освојуваш со автентичност, интегритет и со содржина што има смисла,“ додава тој.
Она што долго време е занемарено, а е од суштинско значење за националниот идентитет, е македонската музика и музичката продукција. Според Сотировски, една национална телевизија и радио не смеат да бидат само емитери – тие мора да бидат креатори на нова културна вредност. Тоа значи создавање музички емисии, фестивали, платформи за нови жанрови, топ-листи, промоција на млади автори и интензивно емитување новосоздадена македонска музика. Таквата системска поддршка на современата македонска култура е клучна за зачувување и унапредување на националниот македонски идентитет. Како што тој нагласува, музиката е дел од културниот код на секоја нација, а „телевизијата има обврска не само да ја документира културата, туку и да ја создава.“
Регионалните искуства покажуваат дека реформите се возможни. Во Словенија, Хрватска и делови од Србија, националните телевизии успешно ги модернизираа своите програмски концепти и повторно изградиле доверба кај публиката. Сотировски вели дека и Македонија може да го постигне тоа ако има јасен план: „Нашиот регион е полн со примери дека реформата не е невозможна. Потребни се три нешта: луѓе кои ја знаат професијата, стратегија што е поголема од дневната политика и јасна културна визија.“
Сотировски смета дека клучот за модернизацијата е враќањето на заборавените сегменти – детската програма, документаристиката, културните емисии, програмите за постарите, но и обновена, современа музичка продукција на телевизијата и радиото. „Телевизијата треба повторно да стане место каде се гради култура, вкус и заедништво. Без културна програма, телевизијата станува само дневна бучава,“ вели Сотировски.
Денес, кога македонската медиумска сцена се наоѓа на раскрсница, прашањето е дали ќе продолжи по инерција или конечно ќе преовладува визија што ја гледа телевизијата како двигател на културата, идентитетот и општествената кохезија. Публиката е подготвена за нови формати и нова енергија – останува институциите да ја препознаат потребата од вистинска преобразба. Време е националните телевизии да станат модерни платформи што не ги повторуваат навиките од минатото, туку создаваат медиумска иднина што ги поврзува генерациите и ја зацврстува културната самобитност на земјата.









