Студентите во Република Македонија за прв пат оваа година имаа можност да ги одберат своите омилени брендови, распоредени во вкупно 19 категории производи/услуги во истражувањето спроведено од страна на STUBRAND. Во 2015 година, од вкупно 291 брендови, за македонските студенти најпозитивен имиџ имаат брендовите Стоби флипс, Nescafe, Европа и www.fakulteti.mk, а најнегативен имиџ имаат брендовите ТВ Сител, Македонски железници, Канал 5 и Горско.
Прашалникот го одговорија вкупно 342 студенти одбрани по случаен избор од скоро сите градови во Република Македонија. Истиот беше достапен преку официјалната веб-страна (www.stubrand.com), Facebook страницата, како и преку банери и реклами на реномираните електронски медиуми.
Резултатите од истражувањето имаат голема вредност за многу компании. Имено, со мерење на имиџот на нивните брендови, тие добиваат сознанија и за степенот на задоволство, доверба и лојалност на студентите кон нив, изразена преку намерите за повторни купувања и позитивни усни препораки. Овие показатели, заедно со споредбата во однос на главните конкуренти, добиени директно од страна на новите генерации потрошувачи (на возраст од 18-27 години), се исклучително важни за креирање идни стратегии за репозиционирање на имиџот на брендовите, во насока на одржување на нивната краткорочна, но пред сѐ догорочна профитабилност.
Настанот за свечено доделување награди и промоција на најдобро-рангираните брендови ќе биде организиран од страна на STUBRAND до крајот на календарскава година.,Истиот ќе биде и одлична можност за вмрежување на најуспешните компании кои се сопственици на брендовите и најуспешните студенти, со двостран бенефит.
Националната Асоцијација на Престижни Академски Граѓани (НАПАГ) е лиценцирана да го реализира истражувањето на STUBRAND во 2015 година во Република Македонија.