Фестивалот „Денови на комуникациите“ го претстави освежениот визуелен идентитет за своето 12. издание, кое ќе се одржи во Ровињ, Хрватска, од 7 до 10 мај. Визуелниот идентитет го потпишуваат Свен Сориќ и Јелена Бабиќ и истиот е изграден врз отворен, намерно недовршен концепт: „This is the new.“
Со повеќе од 80 програмски сегменти, над 200 говорници распоредени на пет фестивалски сцени и повеќе од 130 партнери, фестивалот DK2026 влегува во новото издание со идентитет што одбива да мирува. Како и во изминатите години, фестивалот својот визуелен јазик не го третира како затворен систем, туку како жива платформа – таква што се менува, реагира и го преиспитува моментот во кој постои.
„This is the new“ тргнува од едноставна претпоставка: новото повеќе не е исклучок, туку правило. Насловот е намерно отворен, осмислен да се надградува, реинтерпретира и препишува – од „new normal“, преку „new creativity“, до „new festival“. Нема фиксни значења, ниту конечни одговори. Фестивалот DK2026 не дефинира што е ново; тој го курира просторот во кој новото се случува.
Вербалните и визуелните слоеви повторно функционираат како единствен, препознатлив систем што еволуира од година во година. Препознатливите елементи остануваат, но се преобликуваат и се ставаат во нов контекст. Линиите стануваат погусти, паралелно со растечката комплексност на самиот фестивал. Контрастите во црно-бело, прекинати со сиво-црни „халфтон“ линии, создаваат обрасци што истовремено делуваат познато и благо изместено – стабилно, но никогаш статично.
Понекогаш визуелниот систем ја поставува рамката на пораката. Понекогаш ја подвлекува. А понекогаш намерно ја нарушува. „Гличовите“ го нарушуваат текот, наметнувајќи пауза, повторно читање, втор поглед. Идентитетот си поигрува со перцепцијата, довербата и интерпретацијата – соодветно за време во кое границата меѓу реалното и генерираното станува сѐ потешко одредлива.
Овој визуелен идентитет не го претставува новото како готов производ. Тој го третира како процес. Како искуство. Како континуирана состојба.
Таквиот пристап ќе продолжи да се развива и на фестивалот DK2026, кој ќе се одржи од 7 до 10 мај 2026 година, во Hotel Lone во Ровињ. Регистрациите се веќе отворени.
















