Француската маркетинг групација Havas ја претстави платформата Ava, нов „голем јазичен модел“ (large language model – LLM), која ќе им овозможи на тимовите на групацијата безбеден и централизран пристап до повеќе напредни системи со вештачка интелигенција. Алатката беше промовирана на технолошкиот саем CES во Лас Вегас, каде што беше истакнато дека Ava ги обединува моделите GPT-5, Gemini 3 и Claude Opus во еден единствен интерфејс.
Според соопштението на компанијата, Ava е замислена како „срцето на Havas“, симболизирајќи ја глобалната поврзаност и соработката внатре во групацијата. Централизираниот пристап до различни ВИ-модели треба да ја поедностави работата на тимовите на Havas, притоа задржувајќи високи стандарди за безбедност и одговорна употреба на вештачката интелигенција.
Официјалното претставување на Ava го одржа претседателот и извршен директор на Havas, Јаник Болоре, кој во своето обраќање истакна дека вештачката интелигенција ја засилува, а не ја заменува човечката креативност. Тој ја опиша Ava како катализатор за нови начини на соработка, каде што технологијата и имагинацијата заеднички придонесуваат за развој на брендовите на клиентите.
За време на настанот, Болоре и модераторот Џим Стенгел, претседател и извршен директор на The Jim Stengel Company, повикаа волонтер од публиката да учествува во жива демонстрација. Со помош на Ava, беше создаден реалистичен филмски трејлер во кој волонтерот се појавува како главен лик во динамичен вестерн-филм, што предизвика силни реакции кај присутните и ги прикажа можностите на алатката во реално време.
Ava се очекува постепено да започне со примена оваа пролет и со тек на време да биде воведена во партнерствата на Havas ширум светот. Лансирањето е дел од пошироката иницијатива Converged.AI, во рамки на која Havas неодамна објави и партнерство со софтверската компанија Akkio, со цел забрзување на развојот на напредни, агентски ВИ-капацитети.














