Во време кога интернет сообраќајот и досегот веќе не се доволни показатели за успех, Нил Пател во Ровињ ќе ја анализира вистинската ефикасност на содржината и дигиталниот раст
На Денови на комуникациите, кои ќе се одржат од 7 до 10 мај во Ровињ, пристигнува Нил Пател, еден од највлијателните светски експерти за дигитален маркетинг и раст. Неговото предавање отвора суштинско прашање: колку постојните дигитални стратегии се навистина подготвени за средина во која содржина има повеќе од кога било, а до резултати се доаѓа сè потешко.
Маркетер вброен меѓу Forbes Top 10, автор на бестселери на New York Times и коосновач на агенцијата NP Digital, Пател стои зад системи за раст кои денес генерираат приходи од милијарди долари за некои од најпрепознатливите светски брендови. Неговиот професионален ангажман силно го одбележа развојот на современиот дигитален маркетинг, особено во областа на SEO, дигиталните содржини и маркетингот на перформанси, каде што неговите модели и рамки се користат како стандард за носење мерливи и скалабилни одлуки. Неговите едукативни содржини ги следи милионска глобална публика – вклучително и повеќе од 1,5 милиони претплатници на YouTube – што дополнително ја потврдува неговата улога како референтна точка за маркетиншките професионалци на сите нивоа.
Пател е познат по тоа што дигиталниот маркетинг не го набљудува низ изолирани канали, туку како поврзан систем во кој содржината, дистрибуцијата, конверзиите и аналитиката мора да функционираат заедно за да испорачаат реална деловна вредност. За разлика од трендовските наративи и краткорочните тактики, неговиот пристап се темели на податоци, транспарентност и јасно разбирање на промените во однесувањето на корисниците. Токму поради тоа, Пател се смета за еден од ретките експерти кои навремено ги препознаваат промените во начинот на откривање содржина, мерењето на перформансите и развојот на маркетиншките стратегии во моментите кога постојните модели престануваат да даваат резултати.
На Денови на комуникациите, Пател ќе одржи предавање со наслов „Content Isn’t King: 30 Charts That’ll Change The Way You Do Marketing“, во кое преку конкретни анализи и визуелни прикази ќе покаже како денес навистина се мери ефикасноста на содржината, каде маркетиншките тимови најчесто погрешно ги интерпретираат метриките како сообраќај и досег, и како системите за содржина да се постават како алатка за остварување деловни цели, со фокус на „lead“-ови и приходи.
На главната сцена на 12. издание на Денови на комуникациите, Пател ќе им се придружи на Јирген Шмидхубер, неконвенционален професор и татко на современата вештачка интелигенција, Џули Супан, елитна бренд-стратегиња која ги постави темелите на YouTube, Airbnb, Dropbox, Reddit и Discord, како и на Марк Полард, еден од највлијателните светски стратези на денешницата. Ова дополнително ја потврдува позицијата на Денови на комуникациите како место на средба на идеи што долгорочно ја обликуваат индустријата.
Од 7 до 10 мај, Ровињ повторно ќе биде место на собир за регионални и меѓународни лидери од креативната, маркетиншката и комуникациската индустрија. Повеќе информации се достапни на www.danikomunikacija.com.

















