Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија вчера по осми пат свечено ги доделија националните награди за општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија спроведени во 2014 година.
Наградите се доделуваа во следните категории:
– Однос кон вработените;
– Етичко управување;
– Односи на пазарот со снабдувачите, потрошувачите или купувачите;
– Однос кон животната средина;
– Вложување во заедницата.
Оваа година, првпат се додели и признание за најинвентивен проект или практика.
За наградите конкурираа 34 претпријатија со вкупно 50 проекти, од кои 10 мали и средни со 13 проекти и 24 големи со 37 проекти, во различни категории на општествена одговорност. Најмногу од претпријатијата, 21. конкурираа во категоријата „Вложување во заедницата“, првпат аплицираа девет, а најголем дел од оние кои аплицирале – по седум се од финасискиот и услужниот сектор. Дури 91% од пријавените проекти се од Скопје.
Во категоријата „Однос кон вработените“ статуетка за најдобри општествени практики во 2014 година добија Витаминка од Прилеп и Градежен институт Македонија, за „Етичко управување“ статуетка им беше доделена на Макстил, ЕВН Македонија и Раде Кончар ТЕП, за „Односи на пазарот со снабдувачите, потрошувачите или купувачите“ на Комерцијална банка Скопје, за „Однос кон животната средина“ на Цементарница УСЈЕ и Пакомак, за „Вложување во заедницата“ на Даути комерц и Меѓународното училиште НОВА. Плакети им беа доделени на повеќе големи, мали и средни компании во сите категории. Од годинава е востановена и категоријата „Најинвентивна практика“, а нејзин прв носител е Комерцијална банка Скопје за проектот „За исти права и можности“ која ја реализира заедно со Сојузот за слепи лица и Хелсиншкиот комитет.
Плакети им беа доделени на повеќе големи, мали и средни компании во сите категории.
– Целта на Националната награда е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да даде инспирација за воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. Колку сме успеале во тоа говори фактот што во овие осум години претпријатијата пријавија речиси 500 добри општествено одговорни практики со кои ја покажаа својата посветеност и грижа за општеството и животната средина, рече министерот за економија Беким Незири во поздравниот говор.
Тој посочи дека концептот на општествена одговорност станува составен дел на работењето на деловните субјекти во земјава по примерот на европските.
Национална награда, втора година по ред, е помогната од проектот „Општествена одговорност за сите“, кој е кофинансиран од Европската унија и во Македонија го спроведува Бизнис Конфедерација на Македонија.