(СВЕТ) – По повод својот 90-ти роденден, Публицис Групацијата ја лансираше својата Публицис 90 платформа (Publicis90), преку која ќе инвестираат средства и менторство во 90 дигитални старт-ап проекти. Зантересираните може да ја разгледаат оваа можност и да се пријават на овој ЛИНК.
Од Публицис велат дека со овој проект сакаат да дадат свој придонес во развојот на дигиталното претприемништво и да овозможат “неопходна помош за иновативните проекти да почнат да функционираат, или да го достигнат наредното ниво“.
Помошта ќе варира од 10,000 до 500,000 евра во зависност од тоа во која фаза се стартапите.
Платформата ќе биде отворена за пријавување до 28 февруари и сите вработени во Публицис групацијата ќе бидат во можност да гласаат за стартапите кои ќе влезат во потесен круг.
Селектираните проекти покрај финансиската помош ќе бидат и менторирани од агенциските експерти по маркетинг, комуникации, менаџмент и технологија.
Maurice Levy, извршниот директор на Публицис Групацијата по повод овој проект вели “Publicis90 е во склоп со филозофијата на Публицис и нејзиниот основач Marcel Bleustein-Blanchet. Идејата со овој проект е да им се помогне на младите претприемачи да ги остварат своите цели. Не само преку финансиска помош, туку и преку ставање на ресурсите на агенцијата на нивно располагање“.