Алфа банка АД Скопје има нов сопственик, ова денес го објави Народната Банка на Република Македонија.
Народната банка претходно даде согласност на Silk Road Capital AG од Швајцарија за купување на 100% од акциите на Алфа банка АД Скопје. Во случајот на Silk Road Capital AG се работи за таканаречен “special purpose vehicle” односно компанија креирана со посебна цел за преземање на одредени инвестиции и стекнување учество во банки и други финансиски институции во земјата и странство, зад која стои конкретен инвеститор кој е целосно идентификуван пред НБРМ.
Се работи за инвеститор со висок кредибилитет со триесетгодишно искуство во финансискиот сектор во Швајцарија и во централна и југоисточна Европа. Извршувал одговорни функции во тогаш најголемата банка во светот – американската Сити банка во нејзината подружница во Цирих, меѓу кои и позицијата главен финансиски директор на корпоративна и инвестициска банка дел од Сити груп. Потоа бил основач и управител на капитален инвестициски фонд во кој успеал да привлече значајни институционални инвеститори, меѓу кои и германската државна банка KFW и швајцарската државна агенција за меѓународен развој SECO.
Тој Фонд бил лиценциран како малцински акционер во банки во Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Македонија. Конкретниот инвеститор има искуство и во директно вршење надзор врз банкарското работење, така што бил член на Надзорни одбори во банки во Хрватска и Босна и Херцеговина, а моментално е член на Надзорен одбор во банка во Швајцарија.