И оваа година магазинот InStore застанува зад организацијата на вториот FMCG самит што ќе се одржи на 13 мај во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
Регионалниот магазин за трговија со стока за широка потрошувачка InStore и оваа година ја продолжува мисијата за обединување и унапредување на трговскиот сектор. На 13 мај, во хотелот „Александар палас“ во Скопје, InStore на едно место ќе ја собере лидерската елита на трговскиот сектор во земјава.
Искуството од минатогодишниот FMCG самит покажа дека на FMCG секторот и тоа како му е потребен ваков настан, за што зборува присуството на повеќе од 250 претставници на врвниот менаџмент, секторите за маркетинг, трејд маркетинг, набавка, логистика и продажба од над 80 синџири на маркети, произведувачи, дистрибутери, консултанти, агенции и компании кои водат придружни дејности.
Живееме во време на континуирана политичка и економска нестабилност. Сликата не е розова ниту во нашата земја, ниту во поширокиот регионален и светски контекст. Трговијата со стока за широка потрошувачка, како сектор што го карактеризираат секавични промени, се наоѓа распната меѓу потребата да биде во чекор со времето и примораноста да ги трпи ударите на разните кризи. Но, бизнисот е секојдневна борба, исто како и животот и секогаш има победници. На FMCG самитот ќе разговараме токму за тоа – како да се биде победник сега и тука, во времето и местото каде што живееме и работиме, вели главниот и одговорен уредник на InStore – Македонија, Верица Мартиновска.
Програмата на вториот FMCG самит во Македонија ќе понуди домашни и регионални приказни на тема: лидерство, менаџмент со категории (category management), преговарање и продажба, промоции и приватни трговски марки. Презентации, истражувања, тркалезна маса – чија цел е инспирација, едукација, размена на идеи и целодневно дружење на учесниците на самитот.
FMCG самитот е главниот годишен настан на магазинот InStore, кулминација на тематските конференции Talk IN business што се одржуваат секој месец.