Почитувани читатели, денеска на блогов како новогодишен гостин, на мое големо задоволство, ја имаме Славица Биљарска Мирчески – долгогодишен активист во граѓанскиот сектор, ПР професионалец а од неодамна и потпретседател на Здружението за односи со јавноста на Македонија (ЗОЈМ).
Marketing365: Која е Славица Биљарска Мирчески ?
Славица : Хм, дозволете да речам дека на ова навидум кратко прашање, нема едноставен одговор J. Се сметам себеси за припадник на #мктвитер заедницата, Facebook (не)зависник и не толку активен блогер. За мене велат дека сум друштвена и отворена личност и голем ентузијаст, а јас ќе додадам и непоправлив борец за вистината, застапник на обесправените и поддржувач на добрите идеи.
Професионално, како магистер по односи со јавноста, примарно се занимавам со проучување, истражување и практикување на односи со јавноста, а секундарно со консалтинг за заштита на животната средина. Да, две навидум неспоиви професии преку кои, можам слободно да кажам, успевам одлично да ги балансирам желбите и потребите.
Повеќе од тринаесет години сум активист во граѓанскиот сектор во Македонија, а од неодамна во биографијата ќе запишам и дека сум потпретседател на Здружението за односи со јавноста на Македонија.
Ете, за почеток мислам дека е доволно. За пољубопитните, или за оние кај кои предизвикав внимание, секако останува можноста да пребараат на Интернет.
Marketing365: Како сте задоволни од основачкото и изборното собрание на Здружението за односи со јавноста на Македонија (ЗОЈМ)?
Славица : Формирањето на Здружението за односи со јавноста на Македонија за мене претставуваше посебен предизвик и одговорност. Сигурно знаете дека претходно имаат пропаднато неколку иницијативи за формирање на вакво здружение, па и за остварување на оваа последната, покрената од страна на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, многумина беа скептични. Иницијалниот состанок одржан кон средината на април беше доста ветувачки, од аспект на бројноста и заинтересираноста на потенцијалните членови, па моментот не смееше да се испушти. Благодарение на активната и напорна шестмесечна работа, посветеност на десетина луѓе и поддршката од останатите, успеавме да ги надминеме предизвиците и конечно да добиеме здружение кое ќе се залага за професионализација на односите со јавноста во Македонија.
Здружението веќе има 75 членови кои од различни аспекти се занимаваат со односи со јавноста, а на основачкото собрание беа избрани органите и телата, кои ќе го водат во наредните три години. Да споменам дека за претседател беше избран Константин Икономов, а Управниот и Надзорниот одбор се составени од луѓе со различни профили, искуства и знаења, кои верувам одлично ќе се надополнуваат. Голем дел од документите и актите се усвоени и искрено, сметам дека се поставени добри темели врз кои понатаму ќе треба да се изгради силно и респектабилно здружение.
Во последниот месец имав многу контакти со колегите и доста разговори за тоа како треба да се чекори понатаму и во кои правци би требало да се развива здружението и можам слободно да кажам дека сите од нив искажаа огромна желба и искрени намери да придонесат во работата и развивањето на здружението.
Не очекува макотрпна работа која ќе изискува и време и пожртвуваност од сите. Веднаш по празниците ќе треба физички некаде да се стационираме (мислам на канцеларии и сл.) и полека да започнеме со активности. Најпрвин ќе ја додефинираме годишната програма, појдовни точки за истата веќе имаме, а потоа ќе започнеме со реализирање на планот.
Се на се, сметам дека 2012 ќе биде многу значајна и клучна година за здружението.
Marketing365: Кои се краткорочните а кои долгорочните цели на здружението?
Славица : Здружението има една главна цел: развивање и унапредување на професијата за односи со јавноста, па сите активности кои ќе се реализираат ќе бидат насочени кон остварување на истата.
Формирано е заради здружување на физички лица кои професионално делуваат во областа односи со јавноста и треба да се грижи за заштита на интегритетот и угледот и унапредување на професијата. Во насока на остварување на целта, здружението ќе мора да воспостави професионални и етички стандарди во целокупното дејствување на сопствените членовите и да се грижи за нивно спроведување.
Покрај на сопственото членство, фокус ќе мора да се стави и на пошироката јавност во насока на подигнување на јавната свест за значењето и улогата на професионалните односи со јавноста и промоција на квалитетни и професионални односи со јавноста во компаниите, институциите, непрофитните организации итн.
Marketing365: Што мислите за Законот за лобирање и општо за лобирањето како сродна активност на односите со јавноста?
Славица : Мислам дека нема да погрешам ако речам дека Законот за лобирање е донесен само колку да се донесе, веројатно водени од поривот да се вброиме во редот на ретките земји (заедно со Канада, Литванија, Полска, САД и Унгарија) кои оваа материја ја имаат законски уредено. Иако намерата можеби беше и многу легитимна, да се разграничи дозволеното од недозволеното и да се намали можноста за коруптивно однесување, сепак начинот на кој што беше донесен Законот предизвика бурни реакции во јавноста, посебно помеѓу граѓанските организации. Истиот беше донесен во скратена постапка, за само ден и половина од влегување во Собранието на Република Македонија, без да се сослушаат аргументите кои ги понудија организациите и без да се отвори широка јавна расправа. Тоа е една од причините поради кои, ниту после три и половина години постоење, овој закон не може да најде практична примена. Е сега, тука не треба да ги заборавиме и “културолошките“ карактеристики на луѓето и општеството и поимањето на зборот или активноста “лобирање“.
Инаку, според мене лобирањето претставува легитимна активност, давање мислења и сугестии, информирање и комуницирање со донесувачите на одлуките, со интенција да се влијае позитивно на нив.
Ќе се согласам со оние кои мислат дека има простор за работа на ова поле и дека луѓето кои делуваат во сферата на односи со јавноста можат многу да придонесат за менување на перцепциите.
Marketing365: Како го оценувате нивото на професионална комуникација на домашните компании со својата целна јавност?
Славица : Сметам дека компаниите кај нас не во целост ја разбираат улогата и функцијата на односите со јавноста и не посветуваат доволно внимание ниту на професионалното екипирање, ниту пак на ресурсите кои треба да ги одвојат за таа цел. Стојам на ставот дека во најголем број случаи не можеме да зборуваме ниту за професионална ниту пак за систематска комуникација со јавноста. Исклучок од ова би биле неколку поголеми компании, но кај помалите фирми дури и размислувањето на оваа тема се чини е последно на агендата.
Односите со јавноста треба да бидат планирана, систематска и добро организирана активност, која пред се треба да биде двонасочна. Не можете да очекувате потрошувачот, па дури и вработениот, безрезервно да ви верува, ако само му кажувате колку сте добри, а притоа не сакате да слушнете што тој мисли и ако не сте подготвени да прифатите и да се промените.
Луѓето сакаат комуникација со луѓе, сакаат да се чувствуваат корисни и да веруваат дека нивното мислење се цени, но пред се, сакаат искреност и отвореност. Тоа се некои од постулатите на кои треба да се базира односот компанија- јавност.
Простор и потреба за работа и усовршување на ова поле има и се надевам дека ЗОЈМ преку своите активности ќе успее да придонесе за промена на оваа слика на подобро.
П.С. За крај, дозволете да ви упатам искрени честитки за неодамнешната награда за најдобар блог за 2011 година и да ви посакам уште поголеми успеси и достигнувања.
Би ја искористила оваа можност на сите читатели да им посакам среќни празници и да им порачам во следната година безрезервно да споделуваат среќни моменти, љубов, но најмногу знаење.
Маркетинг365 и се заблагодарува на Славица за честитките по повод наградата за Најдобар блог за 2011 година и истовремено се приклучува кон честитките до читателите по повод новогодишните и Божиќните празници ! Се читаме после 3 Јануари 2012.