Поради големиот број човечки животи загубени во временската непогода која ги зафати Скопје и околните места, Владата на Република Македонија го прогласи денешниот ден, 8 август 2016 година, за ден на жалост.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува радиодифузерите да ја прилагодат програмата, така што музиката што ќе ја емитуваат ќе биде од музички жанрови соодветни за денови на жалост, а забавните шоу програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија, планирани да се емитуваат денеска, ќе ги прераспоредат за други денови од седмицата. Ова важи и за рекламирањето, додека за другите форми на комерцијални комуникации (телешопингот, спонзорството и пласирањето производи) нема ограничувања.
Радио програмските сервиси, кои согласно Законот треба секој ден да обезбедат одреден процент од емитуваната музика да биде инструментална музика од македонски автори и автори на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија и/или вокална и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници, на 8 август 2016г, се ослободени од оваа обврска.