Популарната шведска група АББА се враќа на сцената после 40 години. Групата го најави објавувањето на нов албум насловен Voyage, на 5 ноември оваа година.
Прославувајќи го враќањето, АББА исто така ќе одржи револуционерен концерт на кој ќе настапат дигитални аватари на четирите членови, онака како што тие изгледале во 1979 година – како да немаат остарено ниту година.
Концертот е закажан за мај следната година во Лондон. Со таа цел во тек е изградбата на специјална концертна сала, ABBA Arena, во Олимпискиот парк на кралицата во Лондон.
Специјалните ефекти за концертот ќе бидат реализирани од преку 1,000 луѓе од компанијата Industrial Light & Magic на познатиот холивудски режисер и продуцент Џорџ Лукас.
Маркетинг-активностите поврзани со враќањето на АББА ќе бидат координирани од лондонската агенција TMW Unlimited, која ќе соработува со in-house тимот на АББА.
TMW Unlimited исто така ќе соработува и со ПР-агенцијата Dawbell PR и медиската агенција Total Media.
Сите показатели упатуваат на незаборавно шоу, кое според информациите ќе трае 90 минути, а бендот ќе изведе 22 песни. Картите ќе бидат пуштени во продажба уште од 7 септември.