Компанијата Coca-Cola и производителот на алкохолни пијалаци Pernod Ricard го соопштија склучувањето на глобално партнерство кое ќе започне со дебитирањето на нов коктел во 2024 година – Absolut & Sprite.
Како што кажува името, новиот коктел „Absolut & Sprite“ ќе се прави со премиум брендот на вотка Absolut и најпопуларниот газиран пијалак со вкус на лимета, Sprite. Притоа, коктелот ќе биде достапен во две верзии – со обичен Sprite и со диеталниот Sprite Zero Sugar.
Првичното лансирање на новиот производ е планирано за одредени европски земји на почетокот на 2024 година, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Холандија, Шпанија и Германија.
„Ние ги ставаме потрошувачите во центарот на сè што правиме додека продолжуваме да го развиваме нашето портфолио како комплетна компанија за пијалоци. Ние се шириме во просторот на алкохоли пијалаци што се готови за пиење (ready-to-drink), вклучувајќи производи што користат одредени брендови од нашето основно портфолио. Возбудени сме поради нашата нова врска со Pernod Ricard и со нетрпение го очекуваме претставувањето на Absolut & Sprite“ – посочува Џејмс Квинси, претседател и извршен директор на The Coca-Cola Company.
„Овој многу ветувачки и пионерски проект обединува две водечки компании кои се посветени да им понудат на своите потрошувачи нови искуства околу премиум производите. Sprite е прекрасен спој за Absolut, а јас сум убеден дека нашите здружени сили ќе ја доведат целата категорија на алкохолни пијалоци кои се готови за пиење на следното ниво“ – додава Алесандре Рикард, извршен директор на Pernod Ricard.
Амбалажата на „Absolut & Sprite“ ќе вклучува две од најпрепознатливите светски трговски марки. Таа исто така ќе има јасни пораки за одговорно консумирање, наведувајќи дека пијалокот треба да го уживаат само потрошувачите на легална возраст за пиење алкохол. Промоцијата на Absolut & Sprite ќе биде проследена со одговорни маркетинг практики. Глобалниот репер за волумен на алкохолни пијалоци (ABV) е 5%, но ќе варира во зависност од пазарот.