Брендот на спортска опрема Adidas ги претстави дизајните на националните дресови за фудбалските репрезентации на Аргентина, Германија, Јапонија, Мексико и Шпанија, кои тие ќе ги носат на најголемата глобална спортска сцена: Светското фудбалско првенство во Катар 2022.
Од Adidas пристапиле кон секој дрес како кон уметничко платно со цел да го доловат и изразат духот на секоја нација со дизајнерски карактеристики под влијание на нивните клучни културни обележја, почнувајќи од древната уметност на Мексико, па сé до оригамите на Јапонија. Динамичните спектри на бои го претставуваат „секој уникатен национален идентитет, но со прогресивна графика инспирирана од иднината“.
„Кога дизајнираме дресови за националните тимови за турнири големи како Светското првенство во ФИФА, секогаш имаме на ум дека овие дизајни ќе станат дел од легендарната фудбалска историја. За нас е од клучно значење пред сè да создадеме комплети кои ќе ги опремуваат најголемите светски фудбалски спортисти со облека во чиј фокус е перформансот, односно која што ќе им помогне да го постигнат своето највисоко ниво на игра, а во исто време секогаш да се одликуваат со уникатни и незаборавно иконични дизајни кои се смели, впечатливи и создаваат вистинско чувство на возбуда меѓу фановите ширум светот“ – изјави Јирген Ранк, виш директор за фудбалски дизајн во Adidas.
Во изработката на комплетите била користена технологија која ќе им помогне на играчите да се чувствуваат свежо и удобно во текот на натпреварите. Сите комплети се направени со користење на 100% рециклиран полиестер, продолжувајќи ја постојаната посветеност на Adidas да се стави крај на пластичниот отпад.