Со цел промоција на телесната позитивност и своите инлузивни костими за капење, спортскиот бренд Adidas го подигна првиот билборд во светот кој е исполнет со вода и во кој може да се плива.
Всушност, се работи за билборд-базен со висина од пет метри и длабочина на базенот од три метри, кој собира околу 43.5 кубни метри вода. Билбордот е подигнат на една од најпосетуваните плажи во Дубаи, а за негово поставување биле ангажирани 32 луѓе кои работеле три недели.
Билбордот е придружен со ознаки кои ги охрабруваат жените да ја подигнат својата самодоверба, да облечат костим за капење и јавно да нурнат во билбордот т.е. базенот.
Подигнувањето на водната инсталација дошло како одговор на резултатите од една анкета на Adidas, според која само 12% од жените во Обединетите Арапски Емирати се чувствувале целосно удобно да облечат костим за капење на јавна плажа или базен. Како главни причини за тоа биле наведени „телесниот срам“ и „недостатокот на приватност“.
„Во Adidas ние веруваме дека спортот им припаѓа на сите. Преку иновација, креативност и соработка, ние го претставуваме првиот течен билборд во светот – концепт кој ја слави моќта на водата и нејзината способност да им пркоси на ограничувањата, да носи обнова и да ги прифаќа сите безусловно,“ стои во соопштението на Adidas.
Кампањата е реализирана со помош на креативната агенција Havas Middle East. Први кои го испробаа базенот беа бренд-амбасадорките на Adidas, Дарин Барбер и Раха Мохарак. Барбер е триатлетка со ампутирана нога која држи Гинисов светски рекорд, а Мохарак е првата жена од Саудиска Арабија која го искачила Монт Еверест.