Германскиот спортски бренд Adidas и италијанскиот бренд за луксузна мода Prada склучија необично партнерство за лансирање на специјална колекција фудбалски копачки.
Колекцијата е создадена преку применување на софитицираните дизајнерски стандарди и врвно занаетчиство на Prada со цел реинтерпретација на високоперформанските модели на копачки кои ги сакаат фановите на Adidas – Predator Accuracy, Copa Pure и X Crazyfast.
Обувките се изработени со проткајување на врвен текстил и квалитетна италијанска кожа, а се карактеризираат со впечатлива палета на бои во црни, црвени, сребрени и бели нијанси. Името на Prada може да се забележи на надворешната страна од јазичето или на внатрешниот ѓон на копачките.
Според најавите, новите копачки на Adidas и Prada ќе ги носат повеќе фудбалски ѕвезди како Катарина Макарио, Пауло Дибала, Рафаел Леао, Педри и други. Дигитална верзија на обувките ќе биде достапна и во видео играта FIFA 23 Ultimate Team TM.
Пар од овие копачки може да се купи по цена од 500 американски долари, преку мобилната апликација Adidas CONFIRMED, како и во одбрани физички локации на Prada.