Брендот за спортска опрема Adidas попушти пред притисокот на јавноста и медиумите и ја прекина соработката со контроверзниот рапер Кање Вест.
Пред две недели, раперот објави серија контроверзни пораки на социјалните мрежи, дел од кои од страна на јавноста беа оценети како антисемитски. Како резултат на овие објави, социјалните мрежи Инстаграм и Твитер на Кање Вест му изречија забрани за користење на нивните платформи, додека пак брендови како Gap, Balenciaga и JP Morgan Chase веднаш ја прекинаа соработката со раперот.
Adidas, кој соработуваше со Вест за производство на брендот патики Yeezy, се најде под голем притисок на јавноста и медиумите, но си остави подолго време за да ја евалуира ситуацијата. Две недели подоцна, германскиот спортски бренд реши да го следи примерот на другите компании и да ја раскине соработката со Кање.
„Adidas не толерира антисемитизам и кој било друг вид говор на омраза. Неодамнешните коментари и постапки на Кање се неприфатливи, полни со омраза и опасни и ги нарушуваат вредностите на компанијата за диверзитет и инклузивност, меѓусебно почитување и правичност. По детална ревизија, компанијата донесе одлука веднаш да го прекине партнерството со Кање, да го прекине производството на брендот Yeezy и да ги запре сите исплати кон Кање и неговите компании. Adidas веднаш ќе го сопре деловното работење на брендот Adidas Yeezy“ – стои во соопштението на компанијата.
Според проценките на The Wall Street Journal, линијата Yeezy учествувала со дури 8% во вкупните продажби на Adidas, а шефовите на компанијата пред само неколку недели изјавија дека партнерството е „една од најуспешните соработки во историјата на нашата индустрија“.
Adidas призна дека раскинувањето на договорот ќе ја чини компанијата околу 246 милиони долари нето приход оваа година, а цената на нивните акции падна за 4% по објавувањето на соопштението за раскинувањето со Кање.