Се проценува дека секоја година во океаните завршува 12.7 милиони тони пластичен отпад, а Адидас сака барем малку да помогне во отстранувањето на истиот
Адидас продолжи да го истакнува проблемот со пластичниот отпад во океаните, овој пат рециклирајќи пластичен отпад за да создаде нови дресови за Реал Мадрид.
Новите дресови со топло розева, корална боја беа претставени во Њујорк, на настанот на кој присуствуваа Герет Бејл и Карим Бензема, а ќе бидат произведени масовно во соработка со Parley Ocean Plastic.
Брендот изјави дека уникатната боја на дресовите ги претставува различните нијанси на коралите во океанот и претставува повик за акција за заштита на уникатните екосистеми пред сите да изумрат од загадување и пластика.
Големите брендови, а особено производителите на облека како “Адидас”, редовно се критикувани како главен извор на загадување на океаните. Сега овој бренд ја усвои одржливоста како една од своите главни вредности, па во 2017 година продаде повеќе од милион патики направени од рециклирана пластика од океаните. Таквите потези помагаат во развој на поодржливи методи на производство, особено со оглед на проценките на Гринпис дека 12 милиони тони пластика годишно завршуваат во океаните.
На настанот каде што беа презентирани нови дресови, Адидас одржа и панел дискусија и работилници, за тоа како јавноста може да го намали својот пластичен отпад.
Новите дресови ќе бидат за првпат носени во среда, на натпреварот помеѓу Реал Мадрид – Рома.