Софтверската компанија Adobe, која се позиционира себе како голем пријател на креативците и дизајнерите, ги објави своите предвидувања за креативните и визуелни трендови кои ќе ја доминираат следната 2023 година.
Поаѓајќи од позиција на турбулентната 2022 година, во контекст на сé поголемата популарност на виртуелните светови и „уметноста“ генерирана од вештачка интелигенција, Adobe предвидува дека брендовите и креаторите повеќе од било кога ќе се насочат кон пронаоѓањето комфорт во она што е веќе познато, истовремено истакнувајќи реални, автентични и нефилтрирани искуства. Од друга страна пак, други брендови и креатори ќе се насочат кон метафизичките искуства и духовните простори за да дојдат до нови одговори.
Четирите големи теми кои според Adobe ќе преовладуват во 2023 година се наречени: “Psychic Waves” („Парапсихолошки бранови“), “Real is Radical” („Реалното е радикално“), “Animals & Influencers” („Животни и инфлуенсери“) и “Retro Active” („Ретро-активно“).
- Psychic Waves
Пандемискиот карантин го принуди светот да погледне во себе и да стапи во контакт со своето ментално здравје и духовност. Секако, ова еволуираше во потрага по проширена свест и одговори за смислата на постоењето.
Во време на стрес, луѓето често се вртат кон старата мудрост и езотерични алатки како тарот и астрологијата за да најдат сигурност. Всушност, пазарот на т.н. „парапсихолошки услуги“ во САД е проценет на околу 2,2 милијарди американски долари.
Доловувањето на овие повеќедимензионални теми не е лесно, но креативците можат да ги манифестираат преку променливи визуелни форми, хипнотизирачка градација, фантастични пејзажи и употребата на природни материјали.
- Real is Radical
Потрошувачите очекуваат разновидна и автентична содржина, а сега копнеат за поискрени, неофилтрирани моменти кои понекогаш може да се чинат и како несмасни.
Поттикнати од дигиталната трансформација и индустриската опсесија со беспрекорноста, брендирањето и брендираните искуствата станаа целосно здодевни. Крајно време е работите малку да се размрдаат и да се отфрлат совршеноста и минимализмот за нешто пореално – реални искуства за реални луѓе.
Во оваа насока, од Adobe ги советуваат брендовите и креаторита да употребуваат повеќе вертикални видеа, бидејќи доловуваат поспонтана атмосфера од хоризонталните видеа, давајќи му на вашиот бренд поавтентичен изглед и чувство.
- Animals & Influencers
Интернетот не може да се насити од харизматични суштества. Па така, кон растечкиот свет на човечки инфлуенсери се придружуваат и домашни миленичиња како кученцето Jiffpom, кое наводно во просек заработува 23.900 американски долари по видео на TikTok. Покрај растот на животинските инфлуенсери, од Adobe превидуваат и зголемување на бројот на анимирани и виртуелни идоли на интернет публиката.
„Како резултат на тоа, тие се здобиваат со доминантно присуство во пораките на брендовите, проширувајќи се низ разни сектори во форма на аниме, илустрации, фотографија и 3D рендери“ – објаснуваат од Adobe.
- Retro Active
Носталгијата се враќа на голема врата, а естетиката на раните 2000 години станува сé повеќе популарна. Како илустрација, хаштагот #y2kfashion веќе има собрано 1,1 милијарди прегледи на TikTok и 1,3 милиони објави на Instagram.
Без разлика дали станува збор за оживување на модата на раните 2000 година со фармерки со низок струк, веб-сајтови кои потсетуваат на видео игра од 1990-тите или вашиот омилен инфлуенсер кој одеднаш ај враќа готичката шминка на 1980-тите, трендот на Retro Active е тука да потрае.
Повеќе за предвидувањата на Adobe за креативни трендови во 2023 година можете да најдете на следниот линк.