Американската софтверска компанија Adobe го објави својот најнов годишен извештај во кој ги предвидува креативните трендови за претстојната 2024 година.
„Креативниот пејзаж го отсликува светот во кој живееме. Како што денешниот свет е дефиниран со предизвици и брзи промени, така трендовите и алатките што се користат во креативниот процес мора брзо и соодветно да се прилагодат. Среде толку многу промени, потрошувачите ширум светот му даваат приоритет на балансот во сите аспекти од нивниот живот“ – објаснуваат од компанијата.
Според предвидувањаа на Adobe, базирани на глобални податоци и потрошувачки модели, следната 2024 година ќе преовладуваат четири клучни теми кои ќе влијаат врз фотографијата, видеографијата, содржините на социјалните мрежи и други креативни сфери. Тие теми се: „Смирувачки ритми“, „Вчудовиденост и радост“, „Динамички димензии“ и „Нова носталгија“.
- Смирувачки ритми
Опфаќајќи флуидни и смирувачки визуелни елементи, темата „Смирувачки ритми“ ќе го рефлектира зголемениот фокус кон менталната и емоционалната благосостојба, нудејќи визуелна „оаза“ во хаотичен свет.
Од апстрактни, повторувачки дезени до подвижни форми надополнети со спокојни звуци, темата „Смирувачки ритми“ се усогласува со зголемената популарност на т.н. ASMR содржини, кои што собираат милијарди прегледи на платформи како TikTok и YouTube.
- Вчудовиденост и радост
Како енергична противтежа на нашето секојдневие, темата “Вчудовиденост и радост” ќе се обиде да понуди бегство од реалноста преку визуелни елементи што инспирираат вчудовиденост и радост, особено релевантни во денешната тешка економска клима. Темата ќе опфаќа сѐ – од чудни пејзажи генерирани со вештачка интелигенција до едноставни мали радости – како одраз на нашиот колективен копнеж за малку магија во досадното секојдневие.
- Динамички димензии
Како што технологијата на виртуелната и проширена реалност се наметнува во нашиот секојдневен живот, овој тренд ќе претставува хибрид од 2D и 3D елементи, создавајќи хипнотизирачки визуелни искуства кои се чинат како да „отскокнуваат“ од екранот. „Динамичките димензии“ го отсликуваат комбинирањето на разни типови визуелни средства и димензии во постојано еволуирачкиот дигитален свен.
Според софтверската компанија, нивните алатки како Adobe Premiere Pro и After Effects го олеснуваат „потопувањето“ во овој повеќедимензионален простор и резонираат со развојот на дијалогот околу менталното здравје и емоционалното изразување на луѓето.
- Нова носталгија
„Новата носталгија“ ќе ги ревидира и реинтерпретира „винтиџ“ стиловите и епохите со додавањето на модерен шмек. Примарно фокусиран на естетиката од 1990-те и раните 2000-ти години, овој тренд ќе биде проширен да опфаќа различни периоди, но реобмислени преку призмата на генеративната вештачка интелигенција.
Далеку од тоа дека ќе претставува обично враќање назад, овој тренд ќе означува спој на носталгијата со современоста, надополнувајќи го шармот на „старата школа“ со модерни креативни елементи.
Целосниот извештај на Adobe за креативните трендови во 2024 година е достапен за симнување на следниот линк.