Технолошките гиганти Google и Adobe соопштија за време на годишната конференција Google I/O 2023 дека ќе соработуваат за унапредување на генеративната вештачка интелигенција на визуелни содржини.
Првиот чекор во нивната соработка ќе биде имплементацијата на генераторот Firefly на Adobe во рамки на четботот Bard на Google. Се работи за платформа базирана на вештачка интелигенција која создава слики врз основа на внесен текстуален опис.
Со оглед на тоа што сликите генерирани со вештачка интелигенција не секогаш излегуваат перфектно, кон платформата ќе биде интегриран и софтверот за уредување на слики Adobe Express, со цел креаторите на содржини да можат самостојно да ги подобруваат генерираните слики доколку нешто не им се допаѓа.
Меѓутоа, една од најзначајните придобивки кои ги нуди генераторот Firefly е тоа што тој е обучуван и генерира содржини врз основа на лиценцирани слики од Adobe Stock или пак од бесплатни онлајн библиотеки на сток-фотографии, што значи дека содржините што ќе се генерираат преку платформата нема да нарушуваат ничија интелектуална сопственост. Притоа, генерираните содржини ќе доаѓаат со соодветна ознака за мета-податоци која ќе го гарантира потеклото и резултатот на тие содржини.
„Неверојатниот одговор на нашата бета верзија на Adobe Firefly ја демонстрира моќта и потенцијалот на генеративната вештачка интелигенција да инспирира повеќе луѓе да создаваат и ја демонстрира големата побарувачка за комерцијално одржлив пристап кој креаторите ги става во преден план. Ние им овозможуваме на милиони повеќе луѓе да го користат Firefly за креативна инспирација, дизајн и споделување на исклучителни содржини со Adobe Express преку оваа интеграција со Bard на Google“ – објаснува Ели Гринфилд, генерален технички директор за дигитални медиуми во Adobe.