Adobe најави дека ќе ја преземе платформата за дигитален маркетинг Semrush во договор вреден околу 1.9 милијарди долари, со што значително ќе го прошири своето портфолио на маркетинг услуги. Компанијата соопшти дека оваа аквизиција ќе ѝ овозможи на маркетинг-заедницата појасен и покомплетен увид во тоа како брендовите се претставени и перципирани на интернет. Догворот, објавен минатата недела, сега преминува во регулаторна постапка и ќе бара одобрение од акционерите на Semrush.
Ваквиот чекор се надоврзува на претходните напори на Adobe за зајакнување на својата понуда на дигитални маркетинг услуги, кои им помагаат на компаниите да креираат кампањи, да ја мерат онлајн-публиката и да автоматизираат интеракции со клиенти. Последниве години, Adobe сè повеќе ја интегрира вештачката интелигенција во својот екосистем, додавајќи ВИ-системи што можат да генерираат рекламни креативи или да им помагаат на маркетерите при осмислување идеи за кампањи на социјалните мрежи. Компанијата ги претставува овие алатки како суштински во време кога креативната продукција и комуникацијата со клиенти се преобразуваат под влијание на генеративната вештачка интелигенција.
Од Adobe нагласуваат дека видливоста на брендовите претрпува длабоки промени, бидејќи ВИ-базираните системи за пребарување и препораки радикално го менуваат начинот на кој корисниците откриваат содржини. Според нив, интегрирањето на Semrush ќе им отвори нови канали за раст на маркетерите, особено преку GEO (Generative Engine Optimization) како надополнување на традиционалниот SEO. Така, брендовите ќе добијат поголема видливост, повисока вклученост на корисниците и посилни конверзии во комплексниот дигитален амбиент.
Semrush има повеќе од една деценија експертиза во SEO и новата област GEO, помагајќи им на компаниите да останат препознатливи во време кога ВИ-пребарувањето станува доминантно. Платформата неодамна објави 33% годишен раст на „enterprise ARR“ и се пофали со клиенти како Amazon, JPMorgan Chase и TikTok. Нејзиниот извршен директор, Бил Вагнер, истакна дека здружените сили на двете компании ќе им овозможат на маркетерите подобро да разберат како корисниците ги пронаоѓаат и доживуваат брендовите во новите ВИ-канали.
Оваа аквизиција доаѓа две години по неуспешниот обид на Adobe да ја преземе платформата за дизајн Figma за 20 милијарди долари, зделка што беше напуштена поради регулаторни пречки во Обединетото Кралство и ЕУ. Сега Adobe ја претставува аквизицијата на Semrush како стратешки чекор во ерата на „agentic AI“, во синергија со алатките како AEM, Adobe Analytics и новиот Brand Concierge. Очекувањата се дека зделката ќе биде финализирана во првата половина од 2026 година, доколку добие регулаторно одобрение.

















