Софтверската компанија Adobe отпочна со редизајнирање на својот бренд идентитет, објавувајќи нови логоа за Creative Cloud и Photoshop.
Наместо претходното црвено-бело лого, софтверскиот пакет Creative Cloud сега ќе има шарено лого кое градациски ги комбинира боите на виножитото. Според соопштението на компанијата, логото ги обединува боите на сите различни производи на Adobe. Претпоставката е дека новото лого има „поуметнички“ изглед и со тоа повеќе ќе им се допадне на креативната публика која ги користи алатките.
Adobe го промени и логото на Photoshop, отфрлајќи ја светлата граница околу иконата, но задржувајќи ги нејзините заоблени краеви. Логоата на останатите производи кои имаа квадрата форма сега исто така добија заоблени краеви. Промената има за цел подобра адаптација на иконите кон различните оперативни системи и уреди на кои тие можат да се најдат.
Компанијата направи и мала промена на своето лого, заменувајќи ја постојаната црвена боја со нијанса која е „потопла“ и „помодерна“.