Визуелните претстави кон кои луѓето клонат се вообичаено рефлексија на состојбата на нивниот ум, односно на она што нивниот ум го посакува. Затоа, не е чудно што во услови на пандемија, луѓето сакаат да видат нешто забавно, разиграно и во основа – човечно, природно.
Тоа го покажува и најновото истражување на Adobe Stock, изготвено со анализа на кориснички податоци и пребарувањата во нивната база на слики, како и со анализа на повеќе големи кампањи во креативната индустрија.
Резултатите од истражувањето се објавени како краток извештај со предвидувањата на Adobe Stock за генералните креативни и дизајнерски трендови во годината која ни претстои.
Од Adobe Stock ичекуваат дека еден од главните креативни трендови во 2022 ќе биде „моќната разиграност“, одразувајќи ја одлучноста на луѓето да се свртат кон забавата, добриот дух и слободата после пар тешки пандемиски години. Овој тренд истовремено ќе ја одразува одлучноста на луѓето да продолжат да се борат во соочувањето со животните предизвици.
Истражувањето иста така покажало дека луѓето ќе негуваат поголемо чувство на „себство“, односно љубов кон самите себе, прифаќањето на себе, лични медитативни моменти, телесна позитивност и поврзаност со природата.
Уште еден важен тренд ќе биде „приоретизирањето на планетата“, односно напорите за еколошка одржливост, заштита на животната средина и воопшто креативи насочени кон фасцинацијата со Земјата како планета и место за живот.
Важна улога во креативните решенија за 2022 ќе има и чувството на „движење“ и „танцување“, односно слики кои го претставуваат движењето како „убаво и инспиративно“, но и како начин за искусување на телесноста без допир.
Во однос на клучните дизајнерски трендови за 2022, од Adobe Stock предвидуваат дека главно место ќе заземаат меките, пастелни и среќни бои, како и разиграни букви без остри рабови.
Според истражувањто, дизајнерите ќе се насочат кон „новиот натурализам“, односно кон „чистиот модернизам“ и „пост-минимализам“ со употреба на земјени бои, извлечен од потребата за чисти животни навики кои луѓето сé повеќе ги применуаат поради нивниот продолжен пандемиски престој во домот.
Но, од Adobe Stock исто така предвидуваат и вртење кон традиционалниот визуелен идентитет, ракотворбите и фолклорните мотиви на различните култури низ светот, сé со цел истакнување на автентичноста.
Од друга страна, ќе има и пораст во футуристичките „вонсветони визии“, односно визуелните решенија кои се инспирирани од метаверзумот и вселенските патувања.
Повеќе за креативните и визуелни трендови кои ги предвидува Adobe Stock во 2022 година можете да прочитате во оригиналниот извештај од истражувањето на следниот линк.