Американската компанија за компјутерски софтвер Adobe ја лансираше својата прва кампања за промоција на алатката за уредување на видеа Adobe Premiere Pro, со која ги охрабрува луѓето да ги надминат границите на монотонијата и да почнат да ги гледаат работите од една поинаква, фантастична перспектива.
Рекламата отпочнува со сцена во која гледаме како еден маж се досадува во монотонијата на четирите ѕидови од неговиот дом. Меѓутоа, штом тој го отвори својот плакар за облека, се појавува магичен портал до нови алтернативни светови.
Со звуците на песната „Don’t Stop Me Now“ од Queen, човекот тргнува на надреална авантура низ разиграни градби и разно-обоени улици, претрчувајќи низ магична шума, сајберпанк град од иднината, па дури и на површината на Месечината.
На крајот, рекламата завршува со текстот „Edited by: Me“ (Уредено од: мене) и „Directed by: me“ („Режирано од: мене“), укажувајќи им на гледачите дека со употребата на софтверот Premiere Pro, тие можат да го создадат видео-искуството кое го посакуваат.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција 72andSunny, продукциската куќа RESET и студиото за специјални видео ефекти Alt.VFX. Покрај рекламниот спот кој ќе се емитува на телевизија, како дел од кампањата, Adobe лансира и повеќе туторијали за едуцирање на корисницие на Premiere Pro.