Кампањи од целиот свет кои оствариле влијание, дури и во овие турбулентни времиња
После карантинот во 2020 година, неизвесноста и политичките превирања, 2021 изгледаше дека би можела да биде „понормална“ година. Наместо тоа, предизвиците и конфликтите се чинеше дека еволуираа, а огласувачите, како и сите други, немаа друг избор освен да се прилагодат.
Освртот на најдобрите реклами на годината не` потсетува на тоа колку пресврти доживеа нашиот живот во последните 12 месеци. За брендовите кои се борат за иновации, ова често беше година на непремостливи пречки, но за оние кои се подготвени да ризикуваат и всушност да бидат дел од културата дури и во турбулентни времиња, креативноста и вештината не недостасуваа.
Во продолжение следува преглед на изборот на најдобрите 25 реклами за 2021 година според Adweek:
25.Extra Gum | “For When It’s Time“
Уште во мај, пред терминот „Делта варијанта“ да значи нешто повеќе од пренасочување на летот од Атланта, постоеше чувство на прикриен оптимизам за излегување од ерата на Ковид-19. Додека многу брендови го искористија моментот како можност да внесат малку позитивност во рекламирањето по една година изолација, ниту еден не го стори тоа со толкав жар како Extra Gum и агенцијата Energy BBDO. Урнебесната визија за иднината на ова видео сè уште не е остварена, но сите можеме да продолжиме да се надеваме.
24.Nike | “Play New“
Како бренд чиј слоган е „Just do it“, Најк ја има таа тенденција да ги гради своите реклами околу атлетските полубогови кои ги освоиле, па дури и ги редефинирале нивните спортови. Но, највпечатливиот маркетинг на брендот честопати повлекува трага од првата реклама во која беше претставен овај слоган, а во овој случај тоа е рекламата чија ѕвезда беше 80-годишниот тркач Волт Стак во 1988 година. Долгогодишната агенција Wieden+Kennedy Portland и режисерското дуо ThirtyTwo го исполнија спотот со почетници кои се обидуваат во нов спорт со извици на вистинско охрабрување.
23.Doritos | “Nunca Es Tarde Para Ser Quien Eres“
Од Денот на вљубените до Божиќ, празничното рекламирање може да стане малку хомогено. Doritos Mexico и агенцијата Slap Global го искористија Денот на мртвите, време обично резервирано за семејни и културни прослави, како можност да се изрази поддршка за ЛГБТ+ заедницата со емотивна порака „Никогаш не е доцна да бидеш она што си“. Анимираното видео моментално има над 19 милиони прегледи на Јутјуб, со што се покажува колку една реклама која се занимава со традицијата може да одекне кај публиката.
22.Woojer и Claire’s Place | “Sick Beats“
Овогодинешното жири на фестивалот Cannes Lions покажа многу љубов кон непрофитната Claire’s Place Foundation, развивачот на технологијата Woojer и агенцијата FCB Area 23 за рекламата Sick Beats. Признанијата се заслужени. Секој проект што може да го направи рутинскиот, непријатен третман дури и маргинално пријатен за децата кои живеат со сериозна медицинска дијагноза, заслужува одредено признание. Првиот елек за чистење на дишните патишта со музика за луѓе со цистична фиброза, темпирани вибрации кои ја отстрануваат штетната слуз со омилената музика на пациентот, претворајќи го малку досадниот процес во нешто забавно. И децата изгледаат навистина среќни, што е најдобрата потврда на која може да се надева секој бренд.
21.McDonald’s | “LIghts On”
Се чини речиси неверојатно што Мекдоналдс во Велика Британија до неодамна не вршеше достава до дома. Поради пандемијата, гигантот за брза храна беше принуден да ги затвори своите ресторани, но брзо се сврте и воведе партнерства за испорака што им овозможи на луѓето да добиваат Big Mac или Sausage McMuffins веднаш на нивната врата. Така се роди нов прилив на приходи.
Промовирајќи ја услугата на почетокот на годината, секогаш присутниот огласувач претстави три постери на кои се прикажани половина од нивните иконски златни лакови „М“ кои лебдат над станбен блок или куќа со само едно запалено светло додека купувачите чекаат да пристигне нивната нарачка. Рекламата е создадена од страна на агенцијата Leo Burnett London, со минимален натпис на кој пишува „Доставуваме“. Дури и без целосно брендирање, сè уште беше очигледно чија е кампањата, демонстрирајќи ја препознатливоста за брендот Мекдоналдс.
20.Le Chocolat des Francais | “Keep the Best of France“
За повеќето дизајнери кои сакаат да создадат вистински визуелен концепт, интегрирањето на производите во печатените реклами може да биде вистинска непријатност. Но, агенцијата TBWA\Paris пронајде начин вистинското пакување на Le Chocolat des Francis да биде централен дел од кампањата богата со детали, во шармантна и урнебесна кампања. „Задржи го најдоброро од Франција“ занимава со парадоксот на позитивните и негативните слики за Франција и прикажува убави моменти на амбалажите на чоколадата во контраст на се` она што се случува надвор од кадарот. Оваа кампања е богата со уметност и сигурно ќе биде фаворит на доделувањето на наградите во 2022 година.
19.Relief | “A Better Way to Get Out of Debt“
Кога серијата Squid Game на Нетфликс стана еден од најголемите хитови во историјата на стримингот, неколку брендови се обидоа да го фатат бранот на нејзината популарност. Тоа често го правеа со лоши реклами, со оглед на графичкиот приказ на натпреварите налик на играта, во која губитниците се убиваат на лице место. Еден голем исклучок беше минималистичката кампања за Relief, апликација дизајнирана да помогне да се ослободите од долгови, а создадена е од канадската агенција Wunder. Испечатени се мистериозни картички како оние што им се даваат на натпреварувачите кои имаат долгови во серијата, а Relief дистрибуираше илјадници од нив низ Мајами. На задната страна на секоја картичка имаше порака што ќе одекне кај секој што ја следи серијата: „Има подобар начин да се ослободите од долговите“.
18.Planters | “Shake It Like Dad“
Рекламите за татковците се толку вообичаени и полни со клишеа што често изгледаат како да се пародираат самите себеси. Па, како тогаш за Денот на татковците да се направи видео за нивните навики со кои другите можат да се поврзат, а тоа да биде истовремено и смешно? Planters и агенцијата VaynerMedia успеаја во тоа со „Shake It Like Dad“, музичко видео со Ентони Андерсон. Со практично беспрекорен креативен текст, оваа реклама ги поби клишеата и донесе вистинска свежина.
17.Reform Alliance | “Technically Illegal”
Дехуманизирачките аспекти на американската кривично правосудство имаат многу форми. Алијансата за реформи и агенцијата Droga5 силно го истакнаа овој факт во рекламата „Технички незаконски“. Видеото нагласува само неколку од начините на кои едноставните, универзални дејствија, како што е посетата на болен роднина, често резултираат со одземање на условниот отпуст, правејќи го затворскиот систем да изгледа како ќорсокак. Секојдневието не треба да се третира како криминал“, се заклучува во видеото. Рекламата беше режирана од ѕвездата во подем Малик Хасан Саид, кој беше директор на фотографија за широк спектар на хитови како што се Beats by Dre „You Love Me“ и видеото на Бијонсе за „Formation“.
16.Spinneys | “The Bread Exam”
Како една Фондација за борба против ракот достави инструкции за самопреглед на градите на место каде културните табуа не дозволуваат јавна дебата за градите? Упатствата се кријат во едноставен рецепт за мешање тесто. Во рекламата “The Bread Exam“, создадена од страна на агенцијата McCann Paris во соработка со синџирот супермаркети на Блискиот Исток Spinneys, Медицинскиот центар на американскиот универзитет во Бејрут и либанската фондација за борба против ракот на дојката, готвачката Ум Али стручно демонстрира како работи со две смеси за тесто и им дава на гледачите внимателни инструкции како да се оцени подготвеното тесто за оптимално печење, што е пресудно за квалитетот на познатиот „здрав леб“. Со избегнување на каков било изрекување на зборот „гради“, инструкцијата може да се пренесе на глобално ниво, дури и на Блискиот Исток. Проникливо, паметно и корисно.
15.Pepsi | “#BetterWithPepsi“
„Пронаоѓањето“ на вашето лого скриено во други слики или намерно ставање таму, е класичен пример за дизајн на печатените реклами што, кога ќе се примени од вешта рака, сепак може да изгледа неверојатно свежо. Агенцијата Alma DDB од Мајами апсолутно успеа во тоа со својата реклама „#BetterWithPepsi“, која повторно го креираше логото на Пепси со преклопување на обвивките што ги користат големите синџири за брза храна. Најдобро од сè е што ниту еден од синџирите за храна всушност не служел Пепси.
14.Visit Iceland | ‘The Icelandverse”
Оваа туристичка кампања, претставена и креирана за само неколку дена, ја осмисли креативната агенција SS + K New York како одговор на видеото на Марк Цукерберг за најавата на ребрендирањето на Фејсбук во кое го претставува потенцијалот на Metaverse. Оваа пародија е толку добро продуцирана што дури и самиот основач на Фејсбук јавно ја поздрави.
Воден од „главниот визионер“ на земјата Зак Мосбергсон (актерот Џорандер Рагнарсон), филмот ја опишува природната убавина на Исланд како свет што луѓето можат да го искусат и истражуваат сега – без потреба од очила за виртуелна реалност. За помалку од една недела рекламата ја погледнале повеќе од шест милиони луѓе ширум светот, без никакви инвестиции во медиумите.
13.Burberry | “Open Spaces”
Ако постои едно чувство што малкумина од нас го доживеале во последниве години, тоа е безграничната слобода – од нашите домови, од тоа да бидеме достапни за работа 24 часа на ден, 7 дена во неделата и што е најважно, од угнетувачкиот облак на стрес што се чини дека не` обзема сите. За околу две и пол минути, Burberry успеа да побегне од сето тоа со рекламата „Open Spaces“. Чудесно налик на сон, иако сè уште создаден со автентични движења, „Open Spaces“ понуди кратка пауза во годината во која длабокото дишење или допирањето на тревата беше најголемиот луксуз.
(продолжува)