Хрватската агенција Bruketa&Žinić&Grey оваа година ја освои својата единаесетта награда на Европските награди за дизајн (European Design Awards).
Овој пат се работи за сребрена награда за дизајнот на маслиновото масло Turinela во категоријата „Food & Beverage Packaging“. Централниот мотив на етикетата е поедноставен графички приказ на маслиново дрво чиешто стебло во форма на буквата „Т“ е поврзано со името на брендот.
Со скенирање на QR кодот на етикетата, со помош на мобилен телефон и технологија на проширена реалност, секој клиент може да го повика танцот на самовилата Туринела и за момент да ја доживее нејзината магија.
Европските награди за дизајн се годишни награди кои им се доделуваат на дизајнери од Европа за најдобри достигнувања во областа на комуникацискиот дизајн. Основан во 2007 година, овој престижен настан се разликува од сличните награди за дизајн по тоа што жирито не е составено од професионални дизајнери, туку дизајнерски критичари и теоретичари, новинари и уредници на списанија за дизајн.
Доделувањето на Европските награди за дизајн секоја година се случува во различен европски град, а годинава домаќин беше Неапол во периодот од 30 мај до 2 јуни 2024 година.