Речиси 90% од маркетинг сцената во Македонија е сконцентрирана во Скопје. За малкуте агенции кои генерално функционираат во центри како Битола, Струмица, Охрид, Тетово и Штип се трудиме постојано да известуваме, колку што ќе добиеме информации од нив директно или од локалните медиуми. Денеска на пример имаме задоволство да информираме за еден убав јубилеј за една од најактивните агенции со седиште надвор од Скопје, агенцијата “Маркетинг Микс” со седиште во Штип, која прослави 15 години постоење. Во Македонија не е лесно никаде да се работи како маркетинг и продукциска агенција, а посебно кога се егзистира надвор од Скопје.

Лилјана Варадиновска, основач и директор на агенцијата за оваа прилика ни напиша: „Маркетинг Микс“ одбележува 15 години успешно постоење. Како жена претприемач, со многу страст, труд и визија, успеав да ја одржам и развивам оваа моја професионална приказна која стана препознатлива низ цела Македонија. Најпрво сакам да се заблагодарам на мојот тим без кој ова патување не би било возможно – посветени, вредни и креативни професионалци кои со години се дел од нашата заедничка визија. Преку реализацијата и продукцијата на едукативни, хумани и општествено одговорни проекти, оставивме траен белег во медиумскиот простор и во заедницата. Во изминативе години, преку нашите телевизиски емисии снимани на терен, раскажувавме автентични приказни и го прикажувавме сè она што е убаво, вредно и инспиративно во Македонија.
Им честитаме на јубилејот и им посакуваме уште многу успеси и реализирани проекти!