Британската мултинационална агенциска групација за маркетинг и односи со јавноста WPP, всушност една од четирите најголеми групации од својот вид во светот, соопшти дека го прекинува деловното работење во Русија.
Групацијата, која вработува околу 1400 луѓе во Русија, истакна дека ја напушта државата бидејќи продолжувањето со работи таму би значело „неконзистентност со нивните вредности“.
„Ние длабоко жалиме за влијанието кое ваквата одлука ќе го има врз нашите руски колеги. Ќе продолжиме да ги поддржуваме нив и ќе соработуваме со нашите клиенти и партнери додека постепено ги прекинуваме нашите активности во државата. Им се заблагодаруваме за нивната посветеност кон компанијата и нашите клиенти“ – посочуваат од WPP.
Истовремено, агенцијата ги пофали своите околу 200 вработени во Украина, кои покажале „извонредна истрајност и храброст во лице на страшниот напад врз нивната држава“.
„Ние сме во постојан контакт со нашите лидери во Украина со цел на нашите вработени да им обезбедиме финансиска и други форми на практична поддршка“ – стои во соопштението на WPP.