Маѓународната агенциска мрежа TBWA\Worldwide, дел од американската маркетинг групација Omnicom, соопшти дека го комплетирала купувањето на водечката британска креативна агенција за спортски маркетинг, Dark Horses.
Високо ценетата и наградувана независна агенција Dark Horses, предводена од извршната директорка Мелиса Робертсон, креативниот директор Стив Хауел и директорот за стратегија Мет Ридман, се гордее со завидната листа на клиенти кои ги премостуваат спортот, фитнесот, здравјето и благосостојбата.
Нивното портфолио на работа вклучува поддршка на големи спонзорски договори за глобалниот автомобилски бренд Nissan, помагањето на TikTok да допре до нова публика преку нивното партнерство со Европското фудбалско првенство во 2020 година, развојот на кампањата #NoHomeKit за непрофитната организација за згрижување на бездомници Shelter и лансирањето на брендот Peloton на пазарот во Обединетото Кралство.
Од создавање брендови и платформи за брендови, до теренски активации, стратегија и социјални содржини, како и ПР, спонзорства и инфлуенсер маркетинг, работата на агенцијата Dark Horses ги надминува границите на традиционалниот спортски маркетинг – што ги прави совршено погодни за приклучување кон мрежата на TBWA.
По тој повод, глобалниот извршен директор на TBWA, Трој Руханен, изјави: „Ние ги следиме Dark Horses веќе некое време. Како збир од врвни агенции кои се најдобри во своите категории, ние секогаш ги бараме оние длабоки специјалисти кои нè надополнуваат и додаваат значајна експертиза кон целокупното бренд искуство на нашите клиенти. Возбуден сум да видам каков раст тие можат да отклучат во сите сфери“.
Извршната директорка на Dark Horses, Мелиса Робертсон, додава: „Ова е возбудлив договор што ја поддржува нашата култура како независни, љубопитни креативци, а во исто време ни обезбедува размер на работа што може да нѐ претвори во вистински глобален бизнис. Работиме со некои од највлијателните спортски организации во светот, така што возбудливо е да се замисли што можеме да направиме со досегот на силниот колектив на TBWA од 11.000 луѓе“.