Порталот Маркетинг мрежа, денес ги објави резултатите од истражувањето на агенциите за закуп на медиуми и програмирање на планот за огласувањето во Србија, а во рамките на студијата Agency Report.
Во рамките на оваа група на агенции, Direct Media, со години, е убедливо на првото место на ранг листата по остварени приходи, но и по нето добивка. Во однос на 2016 година, оваа агенција во текот на минатата година ги зголемила своите приходи за 5,61%, односно за преку 316 милиони динари, додека нето добивката опаднала за 6,72% или за околу 38,4 милиони динари. Direct Media во 2017 година го зголеми бројот на вработени за над 11%, а интересно е што таа е една од ретките во категоријата агенции за закуп на медиуми која во изминатата година освои регионални и домашни признанија за својата работа.
На второ место во табелата, по остварени приходи, се наоѓа агенцијата Media Pool. Оваа агенција забележа пад на приходите во 2017 година за 7,6%, односно за околу 307,4 милиони динари, но, од друга страна, забележа неверојатен раст на нето добивката за дури 151% или 37,8 милиони динари, што е исто така и најголем пораст во однос на првите пет агенции во табелата. Media Pool во 2017 година го зголеми својот тим за 9,7%.
Иако бележи пад на работењето по двата финансиски параметри, агенцијата Media House го зазеде високото трето место на ранг листата по остварени приходи, додека по нето добивката е на четвртото место. Приходите на оваа агенција се намалија за нешто повеќе од 4%, додека нето добивката бележи пад од над 52%. Media House во 2017 година вработи двајца нови колеги, што претставува зголемување од 4,55%.
Четврто место на ранг-листа, по остварени приходи, минатата година му припадна на агенцијата Universal Media, член на I&F McCann Group. Оваа агенција во 2017 година забележа пад на остварените приходи за 6,3%, пад на нето добивката за 51,8%, пад на бројот на клиенти по годишен договор за 8,6%, но зголемување на бројот на вработени за дури 17,4%. Занимливо е дека агенцијата од истата група, Initiative, забележа раст на приходите од дури 208,8% и бројот на нови клиенти по договор за 62,5%. Initiative го зазеде 12 место на ранг листата по остварени приходи, но по сите параметри има голем потенцијал за раст во наредните години.
OMD Media се најде на петто место со ранг листата по остварени приходи и на шесто место по нето добивка. Оваа агенција бележи најмал пад на остварени приходи од само 1,5% во однос на првите пет агенции од ранг листата. Од друга страна, нето добивката на OMD Mediа во 2017 година се зголеми за повеќе од 34%, а бројот на вработени за 14,3%, што покажува дополнителна стабилност на работењето.
Иако се најде на високото шесто место по остварен приход, агенцијата Media Jobs забележа драстичен пад на работењето- 41,2% по оперативен приход и 217% по нето добивка. По нето добивка, оваа агенција се најде на последно место од ранг листата, со вкупна нето загуба од над 41,1 милиони динари во 2017 година.
Исто така, пад на приходите од 93% во претходната година забележа и агенцијата One Media, како и намалувањето на нето добивката од преку 295%. Агенции за закуп медиуми, кои исто така забележаа пад на остварените приходи во претходната година, се CAS Media (1,56%), Plus Media (11,6%), Advans (20,4%), Babbler Media Group (39, 2%) и Media S SMVG (47,1%).
По нето добивка во 2017 година, само пет агенции забележаа негативен резултат, а тоа се Carat Austria GmbH – огранок (-0,23 милиони), Advans (-0,95 милиони), One Media (-1,73 милиони) , CAS Media (-31,25 милиони) и Media Jobs (-41,12 милиони динари).
Раст на работењето по двата финансиски параметри во текот на минатата година забележаа агенциите Media Point, Havas Media Adriatic, Nova Communications и Media Line. Сите наведени агенции спаѓаат во групата на мали агенции до 15 вработени, што претставува дополнителен успех на работењето. Агенциите Havas Media Adriatic и Media Line во 2017 година забележаа стабилен раст на работењето, додека можеби најголем потенцијал за раст во 2018 година има Media Point. Оваа агенција во 2017 година ги зголеми приходите за преку 59%, како и нето добивката за дури 93%.
Во Агенцијата за трговски регистри на Република Србија се регистрирани вкупно 20 правни лица кои примарно се занимаваат со медиа закуп.
Вкупните остварени приходи на агенциите за закуп на медиумите во 2017 година опаднаа за 2,95%, а нето добивка за алармантни 18,56%. Загрижувачки е фактот што дури 12 од 20 агенции за закуп на медиуми, забележале пад на приходите во однос на 2016 година, од кои четири агенции се наоѓаат на врвот на ранг листата.
Бројот на вработени во агенциите за медиа закуп е поголем за 9,52%, а во 2017 година изнесувал 345. Најголем број нови колеги вработиле агенциите Direct Media (10) и Universal Media (8).
Ако споредуваме по големината на агенциите, според бројот на вработени во 2017 година, најголем дел се мали агенции – 70%, потоа средни од 16 до 49 вработени има 20% и само две агенции се во групата големи со над 50 вработени (Direct Media и Universal Media).
Иако оваа категорија на агенции бележи најголеми приходи и има најголем пазарен удел, сите параметри укажуваат на криза на агенциите за медиа закуп, односно на тренд на намалување на инвестициите во традиционалните медиуми.
Целта истражувањето #AgencyReport18 беше анализа на пазарот за 2017 година, односно стекнување на увид во состојбата на пазарот, собирање на транспарентни податоци и рангирање на агенциите по различни критериуми. Се работи за единствена истражувачко-извештајна платформа која има повеќекратна намена и далекусежни влијанија на пазарот на маркетинг комуникации во Србија.