Во овогодинешното воведно обраќање за состојбата на американскиот бизнис, претседателката и извршната директорка на Стопанската комора на САД, Сузан П. Кларк, повика на посветеност на „Агенда за американска сила“ која ја потврдува позицијата на Америка како глобална сила за добро и ја нагласува моќта на бизнисот за справување со најголемите предизвици на општеството.
„Бизнисот е подготвен – не чекаме. Изложуваме план, бидејќи тоа е она што го прави бизнисот… затоа бизнисот функционира. Денес, Комората повикува на „Агенда за американска сила“. Агенда што не само што ќе ни помогне да се движиме во сегашниот момент, туку ќе ја насочи нашата земја кон посветлата, посилна иднина што ја очекуваме, а следната генерација ја заслужува“ – посочи Кларк.
Таа предупреди на поларизацијата и застојот во општеството, посочувајќи како американската влада може да ја исполни својата улога – „ни повеќе ни помалку“ – да го поддржи бизнисот, да ги подобри животите на граѓаните и да ја зајакне иднината на земјата. Во исто време, таа предупреди дека владиното регулативно пречекорување им штети на иновациите и го ограничува економскиот раст.
„Дами и господа, Америка е голема нација и ние можеме подобро од ова. Мораме да направиме подобро од ова. И јас сум оптимист дека ќе го направиме тоа. Затоа што има луѓе во нашата влада – сојузници и шампиони во бизнисот – на кои исто така им е преку глава. Луѓе кои Комората ги поддржа, ги одобри, помогна да се изберат и со кои ќе работи за да се свртат работите. Тие ветија дека ќе бидат работни коњи, а не парадни коњи и ние ќе ги држиме до нивниот збор“ – истакна Кларк.
Според Кларк, денес има премногу случаи кога американските власти едноставно не функционираат, а бизнисот се наоѓа во циклус на партизираност и постојани политички промени, што значи дека бизнисите немаат јасност или сигурност за да ја планираат иднината и ризиците кои можат да произлегуваат од политичките турбуленции. Затоа, според Кларк, Комората ја предлага „Агендата за американската сила“ – со цел воспоставување политики за долгорочен успех за земјата и бизнис заедницата.
Со цел исполнување на сите овие цели, Кларк рече дека идниот просперитет на нација зависи од способност да се заштити и зачува владеењето на правото – како од приватните чинители, така и од „невидено пречекорување на регулативата“ од страна на властите.
„Не е улогата на властите да го насочуваат однесувањето на бизнисот, да ја редистрибуираат моќта во нашата економија или да ја поткопуваат конкуренцијата што го поттикнува слободниот бизнис. Затоа Комората ги тужеше Федералната трговска комисија, Комисијата за хартии од вредност и Бирото за финансиска заштита на потрошувачите минатата година. И ние нема да се двоумиме да го направиме тоа повторно ако тоа е она што е потребно за да се заштитат деловните интереси, да се зачуваат иновациите и конкуренцијата и да се позиционира нашата економија за раст“ – нагласи Кларк.
Кларк истакна дека во 2021 година, по 25 години застапување од страна на Комората и нејзините сојузници, Републиканците и Демократите конечно се здружиле и постигнале договор за инвестиција во инфраструктурата на САД. Таа исто така рече дека Конгресот мора да го реформира процесот за полесно издавање дозволи, за да биде изводливо да се исполни потенцијалот на овој историски инфраструктурен напор.
Покрај обновувањето на националната инфраструктура, Кларк посочи дека исто така мора да биде решен проблемот со недостигот на работници. Дел од тие напори треба да биде и имплементацијата на разумна имиграциска реформа, со цел спречување на илегалната, односно поттикнување на легалната имиграција во земјата.
Енергијата продолжува да биде клучна тема за бизнисите ширум светот, па и во САД. Кларк изјави дека „најважната работа“ што Вашингтон може да ја направи оваа година е да испрати долгорочни сигнали до производителите на енергија за да им ја даде довербата и сигурноста што им е потребна да инвестираат во САД.
„Да го забрзаме издавањето дозволи за нови истражувања и производство, брзо да ја финализираме 5-годишната програма за офшор лизинг и да ја олесниме изградбата на енергетска инфраструктура“ – кажа Кларк.
Претседателката на Американската стопанска комора се осврна и на улогата на САД на глобалната сцена. Таа посочи дека иднината на нацијата зависи од континуираниот и храбар ангажман во светот и дека еден од најдобрите начини да се зајакне тој ангажман е да се прошири трговијата со глобалните партнери.
„Денес имаме трговски договори со 20 земји и поминаа 10 години откако додадовме еден нов партнер на таа листа. Во меѓувреме, други земји потпишаа 100 нови трговски договори без нас… Ако стоите во место, заостанувате“, рече Кларк. „Кога тргуваме и инвестираме со други земји, не само што поддржуваме работни места и создаваме можности во САД, туку ги продлабочуваме стратешките партнерства и го унапредуваме слободниот бизнис и овде и во странство“ – додаде таа.
Кларк објасни дека САД треба да ги продолжат преговорите за договор за слободна трговија со Обединетото Кралство, да ја поддржат африканската континентална зона за слободна трговија и да се стремат повисоко кон Индо-пацифичката економска рамка.
Во продолжение погледнете го целосното обраќање на претседателката и извршната директорка на Стопанската комора на САД, Сузан П. Кларк: