Онлајн платформата за сместување Airbnb и брендот за авантуристичка и спортска облека The North Face отпочнаа заедничка принт кампања под насловот “Stay Exploring” („Продолжете да истражувате“).
Се работи за серија од постери кои комбинираат „удобни“ и „топли“ сместувачки капацитети со поглед кон „диви“ и „епски“ природни пејсажи. Постерите се навистина пријатни за очи, но она што навистина ги издвојува во овој момент е фактот што се продуцирани со помош на визуелниот генератор MidJourney, базиран на вештачка интелигенција.
Всушност, кампањата може да се смета како демонстрација на способноста и влијанието што вештачката интелигенција би можела да го има во светот на огласувањето. На некој начин, кампањата „Продолжете да истражувате“ е предвесник за она што следи и може да биде поттик не само за истражувачите на природата, туку и за истражувачите на вештачката интелигенција.
Кампањата е создадена од страна на огласувачката агенција Late Nights Studio од Њујорк, под креативното водство на Максимилијано Гаудели.