Автомобилскиот бренд Volkswagen лансираше нова кампања за јужноафриканскиот пазар со цел промоција на новата верзија на SUV-моделот Volkswagen Taigo.
Кампањата едноставно насловена „Let’s Go!“ („Ајде, одиме!“) го претставува VW Taigo како олицетворение на слободата, жестоката независност и импулсот за ослободување од стегите на животот.
Централниот спот на кампањата почнува со хаотична канцелариска сцена во која една млада жена мака мачи со какофонијата на гласови, затворена во четири ѕидови. Таа повеќе не може да издржи и спотот наеднаш добива надреална димензија – покривот се отвора и сите колеги летнуваат во торнадо, додека пак младата жена ја гледаме како слободно и среќно го вози својот VW Taigo со отворен покрив.
Всушност, автомобилот се наметнува како совршеното бегство од деловите на животот кои го ограничуваат вашиот вистински, слободарски дух.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Ogilvy Cape Town и продукциската куќа Bioscope Films.