Ways2Help од 19 август на Бродот на среќата (кај „Холидеј ин“ во Скопје) организираат уште една акција, овој пат за донирање училишен прибор за деца од социјално загрозени семејства.
„Сите се сеќаваме на првите училишни денови нели? Оваа година иако условите нема да ја дозволат истата радост како и порано, вреди да им ги разубавиме почетоците на оние дечиња на кои им е потребна поддршка. Образованието несомнено игра голема улога во тоа како се градиме како личност, а за некои тоа допрва започнува. Ајде повторно да допринесеме заедно!“, соопштуваат од Ways2Help.
Од таму потенцираат дека 45 дечиња од 21 семејство имаат потреба од школски прибор.
„23 од нив се на возраст од 6 до 11 години, 6 од нив се првачиња, а останатите почнуваат второ, трето, четврто и петто одделение за нив ни е потребно да обезбедиме: ранче, дрвени боички, фломастери 12 бои, темперни, водени боички, гума, молив, линијар со шаблони, острилка, пластелин, табела од 100 броја по математика на картон, тетратка без линии А5 формат, блок бр. 2 за прво и второ одд, блок бр. 3 за трето, блок бр. 4 за четврто и блок бр. 5 за петто, тетратка А5 формат 2-5 одд. по линии и квадратчиња“, велат од платформата.
Останатите 22 дечиња се на возраст од 11 до 15 години, од петто дo девето одделение, па за нив ни е потребно да се обезбеди: ранче, тетратки А4/А5 формат, пенкала, острилки, гуми, моливи, тенкоминци, линиари (сет), фломастери, шестари, блок бр. 5, темперни бои, водени бои, четки, палета за бои, тетратка петолиние.
„Секоја донација е добредојдена, а истата може да ја оставите на нашиот донаторски пункт кој се наоѓа на Бродот на среќата од 19 до 21 август во текот на целиот ден, а нашите волонтери ќе бидат присутни од 18 до 20 часот. Благодраност до Среќа мк. и Вистински Дела на Љубезност без кои оваа акција не би можела да се реализира. Заедно за еден поинаков, подобар, прв училишен ден“, велат од Ways2Help.