Пред некој ден се одржа состанок на акционерите на социјалната мрежа Твитер, на кој тие ја разгледуваа понудата за купување на компанијата од страна на милјардерот Елон Маск – повеќе месеци после поднесувањето на таа понуда.
Речиси едногласно (98,6%), акционерите изгласаа прифаќање на понудата од Елон Маск, според која тој би требало да ја купи компанијата по цена од 54,20 долари по акција, или вкупно 44 милијарди долари.
Иако ова на прв поглед може да се чини како позитивна одлука за Маск, всушност се работи за нов обид на Твитер да го принуди Маск да ја исполни својата обврска во претходно изготвениот купопродажен договор кој потоа беше раскинат.
Имено, најбогатиот човек на светот еднострано го раскина тој договор пред пар месеци, како резулат на препирка помеѓу него и Твитер во однос на бројот на лажни и спам профили кои оперираат на социјалната мрежа.
Твитер тогаш тврдеше дека околу 5% од вкупниот број корисници на мрежата се всушност лажни профили. Маск изрази скептичност во однос на тој резултат и не се согласи со методологијата применета од Твитер, па сакаше да спроведе сопствено истражување. Тоа, пак, не го дозволи Твитер, а Маск еднострано го раскина договорот со образложение дека без точен податок за бројот на лажни профили не може реално да се определи вредноста на компанијата.
Оттогаш Твитер поднесе тужба против Маск, со која сака да го принуди милјардерот да го спроведе претходниот договор и да ја плати полната цена од 44 милијарди долари. Во моментов, пак, се проценува дека вредноста на Твитер е еднаква на 32 милијарди долари.
Почетокот на судскиот процес помеѓу Твитер и Маск е закажан за октомври.