Соговорник: Иван Полс, Креативен директор на Adam&EveDDB London (UK)
Вие сте мултидисциплинарен креативец. Работевте како графички дизајнер, креативен директор, но и како ИТ стручњак. Можете ли да ни кажете како успеавте сето тоа да го постигнете? Каде ја наоѓате мотивацијата и инспирацијата?
Одсекогаш сум бил сонувач, а со тоа многу сакам да цртам. Како дете со помош на моливот и лего коцките ја оживував својата фантазија, но како што растев, идеите стануваа поамбициозни, така што морав да научам различни вештини како би напредувал. Така се заинтересирав за компјутерите, дизајнот и употребата на податоците. Било да е во прашање креирањето на стрипови или вселенски бродови, никогаш немав страв да испробувам нови техники и тоа ми помогна да развијам мултидисциплинарен стил на креативност. Одсекогаш бев мотивиран да правам убави и возбудливи работи, а како што проектите стануваа потешки, учев нови необични вештини како би ги оживеал тие идеи. Сега го користам тоа знаење да водам врвни стручњаци во оваа професија и да им помогнам да креираат големи работи. Се надевам дека со текот на времето ќе научам уште многу, а покрај тоа знам дека секогаш можам да решам некој ИТ проблем.
Наведете ни две кампањи кои во текот на оваа година, според Вашето мислење, го освоиле светот и зошто?
Две кампањи кои оваа година по моето мислење беа фантастични се кампањите на Burger King – “MacWhopper” и на REI “#OptOutside”. Двете настанаа од едноставни идеи, но сепак излегоа надвор од границите на адвертајзингот. Постоеа многу причини овие две кампањи да не се реализираат, и токму тоа ги прави посебни. “MacWhopper” ги комбинира бургерот на Burger King и бургерот на нивниот заколнат непријател McDonald’s за “Денот на мирот”. Можете да ја замислите реакцијата на сите носители на Burger King франшизата кога ја слушнаа оваа идеја! Сепак, нормалните луѓе ги сакаат двата бренда и ја обожаваат идејата за MacWhooper, па така Burger King од оваа приказна излезе како голем победник. Од друга страна, REI кој продава спортска опрема во САД затвори 143 продавници на црн петок за “#OptOutside”. REI им плати на неговите продавници да одат на кампување наместо да бидат на работното место за најголемиот годишен шопинг викенд. Работејќи спротивно од сите останати, станаа едни од најпознатите брендови оваа година. Овие два примери претставуваат брилијантен увид во бенд кој оди многу подалеку од адвертајзинг, и затоа се зборува за тоа.
Кои трендовите во овај момент се најдоминантни на UK пазарот, кога е во прашање адвертајзингот. Како би ја оцениле UK креативната сцена?
UK има неколку необични трендови: сака да уфрлува животни во рекламите, а второ секој клиент сака Божиќна кампања. Тоа значи дека на ТВ има многу пингвини, како и емотивни пораки кои на сите им звучат познато. Мислам дека креативната сцена остана многу силна, благодарение на агенциите како што се Grey и adam&eveDDB кои го диктираат темпото. Мислам дека генерално глобалниот конзервативен тренд ја исклучи било која радикална идеја, но верувам дека технолошката индустрија може да внесе поинакви размислувања во UK креативната индустрија.
Што, по Ваше мислење, е најзначајно за голем успех во работењето? Дали е доволна само добра идеја?
Мерило за деловен успех во комуникациите е славата: можноста за креирање на приказна која е поголема од буџетот со кој располагате. Така John Lewis, Under Armour, Burger King и Harvey Nichols успеваат да добијат фантастичен повратак за вложените пари (ROI). Но, славата бара две работи: добра идеја и клиент кој е спремен и посветен да биде забележан. Тоа значи дека клиентите не треба само да купуваат идеи, треба да бидат и активно вклучени да ги направат големи.
На фестивалот KAKTUS 2016 темата на вашето предавање е “Fame. Ideas that set the world on fire”. Дали тоа навистина може да се постигне со добри идеи? Што публиката на фестивалот може да очекува од Вашето предавање?
Искрено верувам дека креативното размислување и storytelling донесува голема вредност за културата и бизнисот. Оваа година поминав многу време истражувајќи и размислувајќи зошто некои брендови станаа познати, а други не. На предавањето ќе ги споделам своите заклучоци и ќе претставам некои примери како тоа се прави ширум светот. Но, најважно, се надевам дека ќе ги инспирирам креативците на фестивалот KAKTUS 2016 да веруваат дека можат да донесат светски познати идеи и да им помогнат на клиентите да ја разберат нивната моќна и возбудлива идеја во добрите комуникации.
Иван Полс ќе одржи предавање во вториот по ред Фестивал на интегрирани комуникации KAKTUS 2016, кој ќе се одржи на 27 и 28 октомври во хотелот Crowne Plaza во Белград.