Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во изминатиот период, спроведе низа активности насочени кон подигање на јавната свест во врска со користењето на правото на одговор и исправка. Ова право е механизам преку кој граѓаните и правните субјекти можат да ги повикаат на одговорност медиумите во случаите кога тие, случајно или намерно, ќе објават неточна информација или ќе повредат нечии права и интереси.
Со цел на едноставен и популарен јазик да им се објаснат на граѓаните одредбите од Законот за медиуми што го регулираат правото на одговор и исправка, на веб страницата на Агенцијата е поставен банер со наслов „Одговор и исправка-кој, кога, како?“, во кој се посочени можностите и правилата при користење на правото на одговор и исправка. Содржината е достапна на македонскии на албански јазик.
За да стигне информацијата за банерот „Одговор и исправка – кој, кога, како?“ до што поголем дел од јавноста, Агенцијата објави огласи во неколку печатени медиуми и побара од сите телевизии и радија во Република Македонија, како медиуми свесни за својата општествена одговорност и улога во комуникацијата со граѓаните, на сопствените веб страници, да постават банер со линк кој директно ќе води до содржината што веќе се наоѓа на веб страната на Агенцијата, во банерот „Одговор и исправка-кој, кога, како?“.
Ова се последните активности од Планот за популаризирање на правото за одговор и исправка, кои почнаа минатата година. Освен граѓаните и правните субјекти, целна група на активностите беа и давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за кои, во март минатата година, беше одржана работилница на која уште еднаш беа потсетени на нивните обврски и права при објавувањето одговор или исправка. Освен ова, за конкретни случаи Агенцијата може да соработува со здруженијата на новинари, саморегулаторното тело за етика во медиумите и со други тела. Планот е дел од пошироката Програма за промоција на медиумска писменост во Република Македонија на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.