Властите на Република Албанија во саботата објавија едногодишна забрана за социјалната мрежа ТикТок, по убиство на тинејџер минатиот месец кое предизвика стравувања за влијанието на социјалните мрежи врз младите – соопштува Ројтерс.
Забраната, дел од поширокиот план да ги направи училиштата побезбедни, ќе стапи на сила на почетокот на следната година, рече премиерот Еди Рама по состанокот со групите родители и наставниците од целата земја. Рама ги обвини социјалните медиуми, а особено ТикТок, за поттикнување насилство меѓу младите во и надвор од училиштето.
Одлуката на неговата влада доаѓа откако 14-годишен ученик беше избоден до смрт во ноември од соученик. Локалните медиуми објавија дека инцидентот следел по расправијата меѓу двете момчиња на социјалните мрежи. На ТикТок наводно се појавиле и видеа од малолетници кои го поддржале убиството.
Од компанијата ТикТок побараа „итно појаснување“ од албанската влада за донесената одлука. „Не најдовме докази дека сторителот или жртвата имале профили на ТикТок, а повеќе извештаи всушност потврдија дека видеата што доведоа до овој инцидент беа објавени на друга платформа, а не на ТикТок“ – изјавил претставник на компанијата.
Неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Белгија, воведоа ограничувања за користење на социјалните мрежи за деца. Во една од најстрогите регулативи во светот насочени кон технолошките платформи, Австралија во ноември одобри целосна забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години.
Веќе подолго време се води дискусија за потенцијална забрана на кинеската ТикТок и во Соединетите Американски Држави, главно поради грижи поврзани со „националната безбедност“ и неовластеното собирање на податоци и информации. Платформата се соочува со рестрикции во повеќе американски сојузни држави, со забрана за употреба од страна на службените уреди на владини агенции, работници и соработници.