„Почесното срце на Сараево“ на 30. Сараевски филмски фестивал ќе му биде доделено на режисерот, сценарист и продуцент Александар Пејн како признание за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност.
„Пригодно е да се награди Александар Пејн со „Почесното срце на Сараево“, не само затоа што го сака Сараево, туку и затоа што во центарот на сите негови приказни се луѓе со големо срце. Како режисер кој има исклучителна способност да спојува хумор и трогателност, тој има оставено неизбришлива трага на современата кинематографија. Неговото проникливо раскажување приказни и острото око за човечките емоции континуирано ги инспирира филмаџиите ширум светот“ – изјави Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал.
Внук на грчки имигранти, Александар Пејн израснал во Небраска, САД. Студирал историја и шпанска литература на Универзитетот Стенфорд и магистрирал филмска режија на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес. Неговите осум играни филмови се номинирани за вкупно 24 Оскар, вклучувајќи четири номинации за најдобар филм и три за најдобар режисер. Тој двапати ја доби наградата за најдобро адаптирано сценарио, а неговиот последен филм „The Holdovers“ ја освои наградата за најдобра споредна женска улога оваа година.
„Она што е најважно, претходно претставив два филма на Сараевскиот филмски фестивал и воодушевен сум и почестен што се враќам“ – изјави Пејн, чија филмографија ги вклучува познатите филмови „Citizen Ruth“ (1996), „Election“ (1999), „About Schimdt“ (2002), „Sideways“ (2004), „The Descendants“ (2011), „Nebraska“ (2013), „Downsizing“ (2017) и „The Holdovers“ (2023).
Првата средба на Пејн со Сараево беше во 2005 година, кога тој лично ги претстави своите филмови во програмата „Tribute to“ на 11. Сараевски филмски фестивал.
На 30. Сараевски филмски фестивал, Пејн ќе одржи мастерклас, единствена можност за филмските ентузијасти да научат од него за филмската продукција, режијата, сценарио и другите клучни аспекти од неговата кариера. Покрај тоа, тој ќе се претстави со специјална проекција на неговиот филм „Sideways“, драмска комедија од 2004 година. Филмот ги доби пофалбите на критичарите, заработувајќи пет номинации за Оскар и статуетка за најдобро адаптирано сценарио.
Во Сараево ќе му се придружи и долгогодишниот соработник, Џим Тејлор.
Наградата „Почесно срце на Сараево“ е воведена во 2005 година со цел да им оддаде признание на поединци за нивниот исклучителен придонес во афирмацијата и развојот на филмската индустрија и поддршката и развојот на Сараевскиот филмски фестивал.
Овогодишното издание на Сараевски филмски фестивал ќе се одржи од 16 до 23 август 2024 година.