Пред некое време, кинескиот гигант за е-трговија Alibaba ги објави своите планови за реструктуирање на организацијата, делејќи ја компанијата на шест деловни единици. Притоа, тие деловни единици ќе бидат: Cloud Intelligence, Digital Media and Entertainment, Cainiao Smart Logistics, Local Services, Global Digital Commerce и E-commerce (Taobao и Tmall).
Шесте деловни единици ќе оперираат под чадорот на Alibaba Group, која ќе продолжи да ја води извршниот директор и претседател Даниел Џанг, но секоја поединечна единица ќе има свој извршен директор и управен одбор. Пет од единиците ќе можат засебно да собираат инвестиции и да продаваат акции, со исклучок на единицата за е-трговија, која ќе остане во целосна сопственост на Alibaba.
Соопштувајќи го реструктуирањето на компанијата, Џанг изјави дека овој потег има за цел да обезбеди поголема агилност за поединечните деловни единици во рамки на холдинг компанијата.
„Alibaba Group ќе има карактер на холдинг компанија која ќе биде контролен акционер на компаниите од деловната групација. Како контролен акционер, одборот на Alibaba ќе продолжи да има контрола врз одборите на овие нови компании. Веруваме дека ова ќе им овозможи на сите наши бизниси да станат поагилни, да го подобрат нивното деловно одлучување и побрзо да реагираат на промените на пазарот“ – појаснува Даниел Џанг, извршен директор и претседател на Alibaba Group.
Ваквото реструктуирање е најголемо во 24-годишната историја на Alibaba, а многумина го поврзуваат со реструктуирањето на Google и креацијата на матичната компанија Alphabet во 2015 година.
Овој потег се смета за олеснување, ако не и крај на притисокот на кинеската влада врз технолошките бизниси. Имено, официјален Пекинг во повеќе наврати беше критичен за општественото и економско влијание на кинеските технолошки гиганти, вклучувајќи ги Tencent, ByteDance, Didi, Baidu, Alibaba и Ant Group. Притоа, се верува дека големите регулаторни промени имплементирани од властите збришале околу 500 милијарди долари од вредноста на овие компании. Децентрализацијата на Alibaba го решава ова прашање за властите, а аналитичарите веруваат дека тоа може да послужи како пример што другите кинески компании можат да го следат.