За време на компаниската конференција Alibaba Cloud Summit која се одржа вчера, кинескиот технолошки гигант Alibaba го откри својот одговор на ChatGPT – четботот со вештачка интелигенција кој во изминатите неколку месеци стана вирална сензација во светот.
Четботот со вештачка интелигенција на Alibaba е наречен “Tongyi Qianwen”, што во превод приближно значи „барање вистина од илјада прашања“. Од компанијата посочија дека оваа алатка наскоро ќе биде вградена во целосниот пакет апликации на компанијата. Според најавите, четботот прво ќе биде интегриран во професионалните платформи за пораки и гласовниот асистент на компанијата, наречени DingTalk и Tmall Genie.
Alibaba во овој момент се наоѓа на третата позиција на најбогати компании во Кина, според податоците на Companies Market Cap – веб-страница која ја следи вредноста на јавно котираните компании.
Минатиот месец свој четбот со вештачка интелигенција претстави и кинеската технолошка компанија Baidu, наречен Ernie Bot.
Лансирањето на четботовите доаѓа во момент на растечка технолошка тензија меѓу САД и Кина, додека експертите и властите се борат да се справат со брзо растечката моќ на вештачката интелигенција.