Македонскиот фармацевтски гигант Алкалоид АД Скопје вчера одбележа 45 години постоење на брендот производи за деца „Бекутан“.
Менаџерот на компанијата, Живко Мукаетов, се осврна на долгата традиција на брендот, истакнувајќи ја преку личен пример значајноста која производите „Бекутан“ ја имаат за секој родители во грижата за нивните најмили.
„Би сакал да ви се обратам не како човек кој е менаџер во компанијата, туку како татко на четири деца. Да се биде родител е веројатно една од најодговорните работи кои можат да му се случат на еден човек. Тоа е грижа и посветеност за некој кој живее покрај вас, расте и се развива и треба да порасне во здрава личност. Од многу непроспиени ноќи, па преку изборот на храната, па сѐ до изборот на козметиката која едно бебе ќе ја добие. Моите родители го користеа „Бекутан“, јас и мојата сестра го користиме „Бекутан“, јас и мојата сопруга го користиме овој производ“ – објасни Мукаетов.
Тој додаде дека од 1978 година, односно откако постои „Бекутан“, досега се произведени повеќе од 60 милиони теглички на кремот, што е уште еден доказ за квалитетот и традицијата на производ во кој луѓето имаат изградено доверба.
На пригодниот настан со кој беше одбележана 45-годишнината од постоењето на брендот „Бекутан“ се обратија и Силвија Брајовиќ од СОС Детското село и прим. д-р Марина Поп-Лазарова.
Брајовиќ посочи дека заедничката грижа за децата ги споила СОС Детското село и брендот „Бекутан“, истакнувајќи дека се работи за „водечки бренд за нега и грижа на малите деца и оти тоа веќе 45 години го прави најдобро“. Брајовиќ се осврна и на додадена хуманитарна вредност на брендот „Бекутан“, како важен партнер во споделената мисија на СОС Детското село за грижа за секое дете.
Прим. д-р Поп-Лазарова објасни како брендот „Бекутан“ во себе отелотворува вредности како традиција, квалитет, безбедност, сигурност, ефикасност и иновативност. Таа додаде дека производите на „Бекутан“ се ефикасен и безбеден адут на здравствените работници во надминувањето на разни проблеми кај децата. Според неа, нивна заедничка цел е здраво дете, како главен предуслов за среќно дете.