Македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ реализираше уште една инвестиција. Вложени се 5 милиони евра во новиот Центар за контрола на квалитетот на нивните производи, кој вчера официјално беше пуштен во употреба.
Новиот „Центар за контрола на квалитет“е технолошко-аналитички капацитет, кој се простира на површина од 3.000 m²и во него се изведуваат следниве активности: Контрола на суровини, контактна и секундарна амбалажа; Контрола на фазно производство и готови производи; Микробиолошка контрола и стабилност на фармацевтски производи; Валидациони активности и мониторинг и Изработка на аналитичкадокументацијаза регистрационите активности за фармацевтските производи.
Центарот е опремен со високо софистицирана опрема од реномирани светски производители според најстрогите стандарди за добра производна пракса.
Според најавите на генералниот директор и претседател на УО Живко Мукаетов во тој центар ќе работат над 100 високо стручни извршители за која квота во моментов има 26 нови вработувања. 70% од вработените се со високо образование а дел од нив се специјалисти и магистри по науки.
Новиот „Центар за контрола на квалитет“ на „Алкалоид АД“ Скопје ја потврдува стратешката определба на компанијата за производство на квалитетни, ценовно достапни, безбедни и ефикасни лекови изработени во согласност со најстрогите светски стандарди.
Во ова турбулентно време на динамики и брзи промени, првиот човек на „Алкалоид“ Живко Мукаетов рече дека ќе настојуваат да го задржат нивниот 10 годишен тренд на раст и развој преку освојување на нови светски пазари, градење на нови партнерства со светски познати и признати компании, ширење на портфолиото со нови производи, и глобализација на брендот „Алкалоид“.
На прагот од деветета деценија од основањето на компанијата во годината на нивниот 80-годишен јубилеј генералниот директор Мукаетов посака да останат во победничка форма, уште многу идни успеси на нивната компанија водени со слоганот „Здравјето пред се“.