Кампањата за корпоративна општествена одговорност „Budi hrabar, budi zdrav“ на агенцијата BBDO Zagreb и Загрепска пивара минатата година го освои жирито на BalCannes и ја однесе највисоката награда на фестивалот – „Grand Prix“, заедно со златни награди во категориите „Alcoholic Beverages“ и „Community Care“.
Проектот ја помести комуникацијата за машкото здравје од зоната на општи превентивни совети кон отворена, директна и хумористична приказна, која истовремено ја ангажираше јавноста, клиентот и струката. За создавањето на кампањата, процесот, предизвиците и пријавите за новата сезона на BalCannes го пренесуваме разговорот на HURA со Алмир Окановиќ, креативен директор на BBDO Zagreb.
- За почеток, честитки за минатогодишниот Grand Prix со кампањата BUDI HRABAR, BUDI ZDRAV! Дали уште од самиот почеток знаевте дека овој проект ќе постигне голем успех?
Имавме претчувство дека ќе помине добро, и кај јавноста и кај струката, но тоа беше повеќе „gut feeling“ отколку сигурно знаење. Но затоа 100% знаевме дека кампањата ќе крене прашина, бидејќи не се случува секој ден да работиш кампања во која зборовите „прст“ и „задник“ се спомнуваат во ист контекст.
- Како настана идејата за кампањата и која беше мотивацијата зад неа?
Сè започна кога заедно со екипата од Загрепска пивара седевме во барот на хотелот Monte Mulini (за време на Dani komunikacija 2023). Клиентите, додека пиевме кафе и пиво, нè прашаа дали има смисла следната година да одиме со општествено одговорна кампања наместо класична имиџ-кампања за пивскиот бренд Ožujsko.
Поттикнати од успехот на претходната општествено одговорна кампања „Počeši s razlogom“ од 2016 година, кога првпат го промовиравме машкото здравје, веднаш рековме: „Секако!“. Сакавме повторно да направиме нешто навистина добро и корисно за сите мажи, не само во Хрватска, туку и пошироко.
Додека разговаравме која тема, односно кој машки здравствен проблем да го допреме, некој од клиентите спомена: „А што ако направиме нешто за простатата?“
Тогаш во мојата глава се роди мисла што веднаш ме освои: „За храбар момак, нема страв од прст“.
Две недели подоцна, по враќањето од Ровињ, целата кампања беше целосно осмислена и разработена, заедно со оригиналната песна.
- Кампањата има силна општествено-одговорна димензија. Што беше најголемиот предизвик во реализацијата – како да се остане храбар, а во исто време автентичен и нежен кон темата?
Најголемиот предизвик беше како да направиме добар „storyboard“, односно аниматик што ќе помине добро на истражувањето. Првиот резултат не беше особено успешен. Иако веќе ја имавме снимено песната во финална форма, самиот аниматик, составен од цртани кадри од storyboard-от, се покажа недоволен за да ја пренесе не само пораката, туку и емоциите кои се многу чувствителни и комплексни, а често и контрадикторни: екстаза, страв, гордост, иронија и саркастичен хумор.
Но, откако го повторивме истражувањето – овојпат со видео во кое самите глумевме (со мала помош од актерите на Ožujsko), кое сами го режиравме и снимивме со мобилен телефон во просториите на нашата агенција BBDO Zagreb – резултатите беа фантастични.
Самото снимање на финалниот спот, во есента 2023 година, од една страна беше лесно, бидејќи имавме песна што ги поврзуваше сите кадри, па немаше многу простор за импровизации или нејаснотии. Но, од друга страна, беше и комплексно, затоа што сите статисти (150 на број) мораа да ја научат целата песна напамет и постојано да ја пеат, бидејќи за време на сите кадри се одвиваше и тонско снимање.
- Сезоната на BalCannes повторно е пред нас – што би им советувале на сите што наскоро ќе почнат со подготовка на пријавите?
Почнете со пријавите што е можно подоцна. Знаеме дека најдобрите пријави се оние што се прават во последен момент.
- Со кои ваши проекти од оваа година најмногу се гордеете? Кои од нив би сакале да ги видите на големата сцена на Dani komunikacija?
Има повеќе, но најмногу се издвојуваат кампањите за A1 „Bolji online“, потоа „Male stvari“ за Ožujsko, како и „Jasna stvar“ за Wiener osiguranje.
Извор: Hrvatska udruga društava za tržišno komuniciranje (HURA)














