Децата добиваат можност да ги развијат своите измислени херои и хероини во оригинални приказни со помош на гласовниот асистент Alexa на Amazon, преку употребата на вештачка интелигенција.
Функцијата “Create with Alexa”, достапна ексклузивно за уредите Echo Show, ќе им овозможи на децата да креираат оригинални авантури исполнети со шарени ликови, светови, па дури и придружна музика.
Старателите на детето прво ќе треба да ја известат Alexa да започне креативна сесија со наредбата: “Alexa, make a story” („Алекса, создај приказна“). Потоа, на децата ќе им бидат понудени неколку можности за избор на основните елементи на приказната, како што се различни видови на светови, тематиката, името на нивниот херој, тонот на приказната и стилот на музика.
После тоа, Alexa ќе ја искористи својата нова и подобрена разговорна и генеративна вештачка интелигенција, која е обучена врз основа на веќе напишани приказни, за да изгради уникатна и кохезивна приказна што е соодветна на инструкциите на младите автори.
Од Amazon уверуваат дека апликацијата е целосно безбедна за употреба за деца. „Имаме повеќе заштитни нивоа како што се филтрирање на содржината и курирани упатства за да се осигураме дека ова искуство е пријатно и безбедно“ – посочува Ешан Батнагар, директор на производи за Alexa AI.
Новата функција моментално е достапна само на англиски јазик, а семејствата наскоро ќе можат да ги споделуваат приказните на своите деца и со други корисници.