Најголемата светска платформа за онлајн трговија Amazon веќе некое време ја најавуваше можоста за воведување забрана за употребата на картички од Visa за плаќање на платформата. Како причина за тоа беше наведена високата тарифа која Visa ја наплаќа за процесирањето на трансакции преку кредитни картички, во споредба со нејзините конкуренти.
Но, сега се чини дека двете компании изнајдоа решение за овој проблем, па Amazon ќе продолжи да го прифаќа плаќањето со картички од Visa. Како дел од договорот, ќе бидат укинати и некои дополнителни трошоци и тарифи во држави како Австралија и Сингапур.
Двете компании се договориле да го продолжат партнерството, па дури и да соработуваат на производи и технолошки иницијативи за „иновативни платежни искуства“, посочуваат од Visa.
„Ние неодамна постигнавме глобален договор со Visa кој ќе им овозможи на потрошувачите да продолжат да ги користат кредитните картички од Visa во нашите продавници“ – истакнуваат од Amazon, додавајќи дека компанијата ќе остане посветена во понудата кон потрошувачите на платежно искуство кое е погодно и нуди поголем избор.